
Денеска во Кривичниот суд Скопје треба да продолжи судењето за случајот „Рекет” со презентација на нови снимките обезбедени од сведокот Орце Камчев.
На последното рочиште беа покажани фотографии мобилниот телефон на обвинетиот Бојан Јовановски. Беа презентирани неколку фотографии и кратки видеа, на кои се гледа како поранешната специјална обвинителка Катица Јанева седи во својот дом, а на масата пред неа стои снопче пари, со банкноти од по 500 евра. Според обвинителството, во снопчето имало вкупно 50.000 евра.
На минатото рочиште Јовановски се жалеше дека поради здравствени причини не може да го следи рочиштето, но судењето продложи откако беше прегледан од лекарска екипа, која утврди дека нема пречки за да не остане во судница.
Случајот „Рекет” го води Кривични совет предводен од судијката Васка Николовска-Масевска, односно обвинението го застапува шефицата на Обвинителството за борба против организираниот криминал и корупција, Вилма Рускоска.
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во октомври лани поднесе обвинение против Бојан Јовановски, Катица Јанева и Зоран Милевски.
Првообвинетиот Јовановски се сомничи дека сторил кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“, а Јанева и Милевски за „примање награда за противзаконито влијание“. Второобвинетата Јанева се товари и дека сторила и кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.
На првото рочиште за „Рекет“, што се одржа на 3 декември, третообвинетиот Зоран Милевски-Кичеец призна вина, по што беше осуден на три години затвор.