За Антикорупциска нема конфликт на интереси во самономинацијата на Дескоска за Венецијанска комисија

Нема судир на интереси во предлогот на владата министерката за правда Рената Дескоска да биде член на Венецијанската комисија, утврдила Антикорупциската комисија по анализа на целокупната документација за предметот.

Антикорупциска го пренебрегнува фактот што министерката сама се предложи за место што знае дека комисијата нема да го одбие, туку навлегува во тоа дали во Венецијанската комисија имало лица кои имале конфликт на интерес и ја примиле Дескоска?!

„Според статутот на Венецијанската комисија, таа е составена од независни експерти, но она што е најважно во статутот е дека е предвидено дека членовите не ја претставуваат ниту земјата, ниту институцијата од каде што доаѓаат. Тие воопшто не учествуваат во расправата и гласањето поврзано со земјите кои ги претставуваат. На ваков начин сметаме дека Венецијанската комисија сама се има заштитено од судир на интереси”, велат од ДКСК.

Во случајот на Дескоска таа самата се номинираше за позиција во Венецијанската комисија, свесна дека комисијата не избира дали ќе ја прифати или не националната номинација, туку само ја констатира националната номинација која доаѓа токму од министерството за правда.