Законот за јавно обвинителство е донесен согласно сите процедури и согласно Деловникот за работа, изјави координаторот на пратеничката група на СДСМ Костадин Костадинов на прес-конференција во Собранието.
– Процедурата при изјаснувањето беше кристално чиста. Постои пракса во Собранието, кога системот нема да регистрира одреден глас и тогаш на пријава на пратеникот чиј глас не е регистиран, се оди на повторно гласање. Такви примери сме имале многупати во Собранието, а ако навистина ВМРО-ДПМНЕ не верува дека имаме 80 пратеници, можеа да бараат поединечно гласање – рече Костадинов.
Со изгласувањето на законот, според Костадинов, победила правдата, а Собранието покажало дека е за правна држава, владење на правото и одговорност за сите.
Додаде дека СДСМ денеска ќе гласа и за распуштање на Собранието за да се оди на предвремени избори на 12 април. Ја повика ВМРО-ДПМНЕ да достави предлог за нов министер за труд и социјална политика по разрешувањето на Рашела Мизрахи.