СЗО уште еднаш нагласи дека лукот не помага против коронавирусот

Светската здравствена организација (СЗО) почна борба против гласините, полувистините и дезинформациите поврзани со коронавирусот.

Под мотото „Мит бастерс“ (Myth busters) на веб-страницата на СЗО, меѓу другото, се укажува дека лукот не штити од инфекција со коронавирусот.

Исто така се истакнува и дека не постојат индикации оти досега се заразиле домашни миленици, мачки и кучиња.

– Не се бориме само против епидемијата, туку и против инфодемијата. Лажните вести се шират побрзо и поедноставно од вирусите, и се исто толку опасни, изјави шефот на СЗО, Тедрос Аданом Гребрејесус.

За да се заштитат од новиот вирус, луѓето треба често да ги мијат рацете и потоа добро да ги избришат со хартија.

СЗО исто така не советува УВ зрачење против коронавирусот, затоа што тоа може да предизвика проблеми со кожата.

Исто така, прскањето на кожата со алкохол и хлор не помага ако вирусите веќе се во организмот.

Ни маслото од сусам не го убива коронавирусот, истакнува СЗО коментирајќи слични гласини.

Се наведува дека постојат голем број на хемиски средства за дезинфекција кои го убиваат вирусот на површините, меѓу кои се хлор, избелувач, етанол, хлороформ, но овие средства не смеат да се ставаат на кожата.

СЗО исто така посочува и дека нема опасност од инфекција со отворање писмо или пакет од Кина.

– Од претходни анализи знаеме дека коронавирусот на предмети како што се писма и пакети не може долго да преживее, информира здравствената организација.

Покрај тоа, се укажува и дека антибиотици и вакцини против воспаление на белите дробови, како што се вакцините против пневмококи или хемофилус грип тип Б не заштитуваат од новиот вирус.

Ниту редовното миење на носот не штити од инфекција со коронавирусот, додава СЗО, посочувајќи на уште една во низата дезинформации.