Двајца српски државјани на крузерот „Diamond Princess“ позитивни на коронавирус

Двајца од 11-те државјани на Србија на туристичкиот крстосувач „Diamond Princess“, вкотвен во јапонското пристаниште Јокохама, се позитивни на новиот сој коронавирус Covid-19, потврди во вторникот српското Министерство за надворешни работи.

Претходно во вторникот јапонските медиуми известија дека починал четвртиот патник од бродот.

„Од Министерствтото за надворешни работи на Јапонија денеска нѐ известија дека двајца од преостанатите 11 државјани на Србија, членови на екипажот на ‘Diamond Princess’, се позитивни на коронавирусот“, се наведува во соопштението.

Исто така, се наведува дека станува збор за 29 и 30-годишно лице, кои се идентификувани во соопштението само со иницијали, и се додава дека се очекува информација кога и во која болница ќе бидат пренесени од бродот.

Амбасадата на Србија во Токио е во постојан контакт со двете лица, а сите српски државјани на бродот имаат на располагање теелфонска линија за 24-часовен контакт со амбасадата за да можат да побараат помош, доколку бидат примени на болничко лекување.

„Последната група патници, кои се позитивни на вирусот, се сместени во новоотворена болница на околу 300 километри од Токио, во близина на Нагоја, каде што постои интернет врска, така што постои можност и двајцата наши државјани да бидат сместени во таа болница, доколку има капацитети“, наведува српската дипломатија.

Српското Министерство за надворешни работи во понеделникот советуваше да не се патува во загрозените подрачја на Италија, додека актуелната состојба со коронавирусот не се нормализира, а Министерството за образование бара од директорите на средните училишта да ги одложат сите студиски патувања и екскурзии во Италија.

Во Србија, по евакуацијата од кинескиот град Вухан и 14-дневниот карантин во Франција, минатата седмица пристигнаа четворица српски државјани. Во меѓувреме, девет сомнителни случаи се тестирани на Инфективната клиника во Белград и сите резултати биле негативни на Covid-19.