
Портпаролот за надворешни работи на ЕУ, Петер Стано, изутринава порача дека само Високиот претставник за надворешни работи на ЕУ е надлежен да потврдува кој ќе биде Специјален претставник за западниот Балкан, а одлуката сѐ уште не е одобрена од земјите членки.
Еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, вчера во интервју за Радио Слободна Европа потврди дека поранешниот министер за надворешни работи на Словачка, Мирослав Лајчак е назначен за Специјален претставник на ЕУ за Дијалогот Белград – Приштина и за западниот Балкан.
Запрашан зошто информацијата не ја потврдува шефот на европската дипломатија, Јосеп Борел, неговиот портпарол изјави дека само Борел е овластен да потврдува ваква информација бидејќи Специјалниот претставник зависи од неговата канцеларија.
-Мандатот на Специјалните претставници на ЕУ е надлежност на Високиот претставник и потпретседател на Европската Комисија, ги информиравме земјите членки за намерата да назначиме претставник согласно процедурите, и додека не заврши процедурата не сме авторизирани да потврдуваме официјално, сѐ додека земјите членки не одлучат и одобрат, изјави Стано.
Тој нагласи дека “информациите за и менаџирањето се исклучив домен на Високиот претставник и тој е единствен кој смее официјално да соопштува„.
Стано одби да ја коментира реакцијата на САД за делумното укинување на царините врз увозот на српски и босански производи најавено од страна на косовскиот премиер, Албин Курти.
Американската администрација, за разлика од европската, изјави дека царините треба целосно да се укинат, додека ЕУ смета дека и ова делумно укинување може да создаде услови за рестартирање на Дијалогот Белград-Приштина.
-Врз основа на меѓународните одлуки, ЕУ е единствениот чинител задолжен за олеснување на Дијалогот, ЕУ е таму од самиот почеток. Реакциите на ЕУ се засноваат на ставовите, политиките и односите со партнерите на ЕУ, можам да ги коментирам нашите ставови, но не можам да навлегувам во шпекулации и споредби со други ставови. Ставот на ЕУ е јасен, рековме дека најавата на Курти е важен чекор кон враќање на довербата и рестартирање на Дијалогот, изјави Стано.