Двајцата заболени со коронавирус во Македонија дошле на 27 февруари

Сопружници на возраст од 62 и 68 години од Дебар се двајцата заразени со коронавирусот. Тие на 27 февруари од Бреша (Италија) пристигнале во Македонија.

-Тогаш патниците немале никакви симптоми. И за првпат со сосема лесни симптоми се јавиле на 2-ри март на матичниот лекар којшто не препознал индикации за да се направи тест за коронавирус. Ги пратил на домашно лекување за да денеска се јават во болницата во Дебар, изјави министерот за здравство, Венко Филипче.

Денеска со симптоми се јавиле во болницата во Дебар, каде им била поставена индикација согласно симптомите.

Тие од Италија до Македонија дошле со автобус во кои имало 40 патници, од кои некои се симнале во Куманово, во Скопје и во Дебар.

За време на престојот дома, двајцата пациенти укажуваат дека имале контакт само со братот на жената.

– Во соработка со МВР веќе се најдени имињата и матичните броеви на сите патници од автобусот. Вечерва по индентификувањето и лоцирање, ќе се постапи со соодветни мерки согласно нивната здравствена состојба– рече Филипче.

Тој рече дека најголем ризик постои за патниците во трите реда пред и зад заболената брачна двојка.

Вечерва со специјален транспорт, заболените ќе бидат префрлени на Клиниката за инфективни болести во Скопје.