ВМРО-ДПМНЕ: Лекарите од државното здравство ќе можат да работат и во приватното, и обратно

Во првите 100 дена ќе интервенираме во законот, каде што ќе се овозможи на медицинскиот персонал, лекарите, техничкиот персонал заедно со лекарите да можат покрај услугите кои што ќе ги даваат во државното здравство, да даваат услуги и во приватното здравство. И обратен процес, да може лекарите кои што даваат услуги во приватното здравство да можат да даваат услуги во државното здравство.

Ова денеска го најави Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО ДПМНЕ на денешната прес-конфренција на која понуди пакет-мерки за ревитализација на македонското здравство.

Се обврзуваме на обнова со која што ќе овозможиме утврдување на достоинствена гарантирана плата за специјализанти и платени дежурства. Со тоа ќе го заштитиме нивниот стандард, но и воедно ќе ги поттикнеме истите тие да се развиваат. Оние кои преставуваат иднина на македонското здравство мора да ги направиме да бидат задоволни и да имаат платен труд.

Се обврзуваме на обнова преку која ќе изградиме Здравство ориентирано кон пациентите. Затоа ќе донесеме Национална здравствена стратегија заснована на следните постулати: Зајакнување на јавното здравство – заради тоа што лекарите и здравствените работници треба да останат во Македонија и тука во јавното здравство; Зајакнување на примарното здравство, стоматологијата и превентивата; Оптимизација на здравствениот систем, ориентиран кон бенефит за пациентот; и конечно Нулта корупција во здравството, која што ќе опфати како заклучок Интегрирање и функционално реорганизирање на здравствените единици, изјави Мицкоски на денешната прес-конфренција.