Канадскиот екс пратеник Темелковски: Овие политичари со затворени очи и полни џебови мора да бидат казнети од народот!

Работите во Македонија мора да се сменат, вели поранешниот канадски пратеник Љубомир Луј Темелковски во интервју за Курир. Најдобар индикатор за фактот дали во родната земја ќе има или не промена на подобро, за него се престојните избори, чиј резултат ќе го покаже идниот правец на државата – враќање на загубеното или натамошно тонење на сите полиња.

Темелковски е Македонец кој во Канада дошол на 13-годишна возраст. Заминал во далечната 1968 година. Потекнува од село Брајчино, од каде со семејството дошол без образование и пари. Во Канада завршил филозофски факултет и бил активен член на Либералната партија, чиј пратеник во канадскиот Парламент е во периодот од 2004-та до 2008-та година.

Запрашан како сега ја гледа Македонија, тој вели дека сегашната држава му наликува на една топка која се врти – де ќе ја шутнат едни, па ќе шутнат ја други, со име, со знаме, со народ…

„Индикатор за иднината на државата ќе бидат претстојните парламентарни избори и што ќе биде на нив. Слушаме анкети кои кажуваат многу, но сепак резултатот од изјаснувањето на 12-ти април ќе покаже. Ако не се смени работава, нема да оди на подобро! Мора да се смени оваа ненародна влада и овој договор со Грција, за да народот, конечно, почне да „дише“. Сега и воздухот и политиката се контаминирани, целосно загадени,“ посочува Темелковски за Курир.

Најголемата разочараност кај Македонците во Канада, заедница која официјално брои над 150.000, а неофицијално и многу повеќе, се должи на „работата“ на Владата на Заев која го смени името на државата и Уставот. Нашинците се свесни дека оваа влада е временска непогода не само на национален, туку и на економски план.

Сепак, Темелковски е оптимист дека работите се реверзибилни, т.е. дека можат да се вратат назад, на подобро.

„Мислам дека работите може и мора да се вратат назад, но тоа не е едноставно. Може да се заврши брзо со еден успешен народен референдум и со искрени политичари, патриоти, кои би работеле за државата, а не за себе како досегашната Влада,“ вели поранешниот канадски пратеник.

„Договорот со Грција мора да се поништи, затоа што реално, тој не донесе ништо добро. Луѓето во Македонија треба да се запрашаат – што е подобро со Преспанскиот договор? Па тој беше едностран и добар само за Грците, а Македонците не добија ништо. Токму затоа мора да се поништи. И јас бев во политиката, но овде во Канада луѓето знаат дека партиите си имаат свои интереси, но на прво место секогаш е државата и националната свест. И во Македонија треба да мислат прво за државата,“ потенцира Темелковски.

Се што во минатото направивме за Македонија, сета борба и резултати сега паѓаат во вода, вели поранешниот народен емисар во Канада, кој вложил многу труд во признавањето на уставното име Република Македонија, име кое сега Заев и неговата влада го сменија.

„Работев многу на признавањето на Република Македонија во Канада, која не призна под уставното име, за да сегашната влада го уништи сето она што го работевме. Не само овде, туку и во САД и секаде во светот. Сега, пак, конзулатот бара од нас, истите ние кои влијаевме за Уставното име, да влијаеме да не признаеле под Северна?! Мене ми е СРАМ!“ вели искрено Темелковски.

Сведочи и како Македонците во Канада ја примиле веста за промена на името.

„Со нервоза. Еден ден Макеоднците се борат за името, друг ден против? Големо разочарување од политичарите и моралот на актуелната влада во Македонија. Проблемот е што кога бев таму, секој прашува што може земјата да стори за него, но не и обратно, како што функционира светот. Се функционира по принцип на врски, кај вас ни лекови не можеш да земеш ако немаш врски. Пратеници во Македонија ме прашуваа што бизнис терам во Канада. Беа запрепастени што јас како пратеник немам бизнис, а тие пак беа пресреќни што Парламентот ги облекувал? Ме разочараа!“ вели поранешниот канадски пратеник.

Македонските иселеници во Канада се уплашени од случувањата во државата. Темелковски вели дека тој не се плаши, но вестите за корумпираното судство и обвинителство одамна ја минале „големата вода.“ Македонскиот конзулат пак, воопшто и за ништо не ги информирал нашинците. Факт е дека по масовното затворање патриоти и дузината случаи во кои се обвинети луѓе кои јавно се заложуваа за Македонија, тие сега се прашуваат дали воопшто е безбедно да се вратат дома.

„Си велат, ќе ме затворат, јас многу зборувам. Македонија ја гледаат како земја без закон, без судство! На страна што не сакаат ни да земат пасош со „северна“ во него,“ сведочи Темелковски за Курир.

Според поранешниот парламентарец, проблемот во нашата држава е во системот, односно подобро кажано во неговото непостоење.

„Во Канада еднаш министерот беше залегнат во лобито. Јас им велам, срамота е, што ако го види народот што прави, што ќе мисли? Ми рекоа дека не ние, пратениците и владата, туку администрацијата е она што ја води државата. А ако администрацијата ја менувате целосно со секоја промена на власта, тогаш логично е да се прават грешки и се’ почнува од почеток. Таа администрација (бирократи) во Канада се мозокот на државата. Ние ги користевме нивните искуства, независно од политичката определба. Тие таму се најголемите советници, не заземаат страна, независно од партијата, туку работат за и само за државата,“ посочува екс канадскиот пратеник со македонско потекло за Курир.

За разлика од кај нас, во Канада сите го почитуваат и на прво место го ставаат националниот интерес. Луј Темелковски вели дека тие во државата имаат 5 поголеми партии, но секогаш кога во прашање доаѓал националниот интерес, сите партии седнувале и заедно, едногласно, лидерите ги прифаќале работите кои биле за доброто на државата.

Го прашавме и што дијаспората може да стори за Македонија. Темелковски потенцира дека освен придонесот на изборите во татковината, за кои ги повика сите нашинци кои имаат македоснки пасош да се пријават и да гласаат, можат да помогнат и со инвестиции, но и со искуството од тамошниот сиситем.

„Ако Македонија се стабилизира и се вратат националните вредности кои оваа Влада ги распродаде, повеќе наши луѓе ќе се враќаат во татковината, не само за туризам, туку и за да инвестираат во својата земја, која сега се повеќе не ја чувствуваат за таква. Вака, со сегашната ситуација, луѓето со право се плашат или немаат желба да се вратат во таква Македонија. Можеме да помогнеме и со пренесувањето на канадскиот систем, кој функционира перфектно, стабилноста која значи многу, работниот менталитет и фактот дека не можеш наеднаш да направиш пари во животот“ вели Темелковски, кој цени дека младите во Македонија бегаат токму поради недостигот на овие есенцијални работи, кои се основна задача и мисија токму на парламентарците или, барем , така би требало да биде во една нормална држава.