(ВИДЕО и ФОТО) Хари и Меган крај Елизабета Втора ја извршија последната кралска должност

Британскиот принц Хари и неговатра сопруга американската актерка Меган Маркл во понеделникот во Лондон крај кралицата Елизабета Втора ја извршија својата последна кралска должност пред да го започнат новиот живот во Канада.

Во небесносин капут и шапка кралицата Елизабета Втора пристигнала во Вестминстерската опатија, пред која се насобрала љубопитна толпа, на литургијата по повод Денот на Комонвелтот.

Но сите погледи биле вперени во нејзиниот внук принцот Хари, или војводата до Сасекс и шести во редот на наследувањето на тронот, кој се подготвува кончено да се пресели во Канада, земја на Комонвелтот, откако го потресе кралското семејство со својата одлука за независност од дворецот.

Принцот Хари и неговата сопруга Меган Маркл овојпат биле директно проследени до нивните места и не минале низ централниот премин во црквата крај кралицата како повеќето други членови на кралското семејство.

Станува збор за многу симболичен гест, бидејќи кон крајот на март, според сопствениот избор, тие ќе престанат да бидат активни членови на британското кралско семејство.