Ердоган бара поголема поддршка, ЕУ ветува анализа на спроведувањето на договорот за мигрантите

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган побара во Брисел во понеделникот поголема поддршка од НАТО и од Европската унија во врска со војната во Сирија и мигрантите и бегалците кои Турција ги примила од оваа земја, додека ЕУ вети анализа на спроведувањето на договорот со Анкара за мигрантите.

„Очекуваме конкретна поддршка од сите наши сојузници во борбата којашто Турција ја води самата. НАТО сега се наоѓа во критична фаза во којашто мора да покаже поддршка“, изјави турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган по состанокот со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

Ердоган во понеделникот допатува во Брисел неколку дена откако изврши притисок врз ЕУ со отворање на границата за мигрантите за нивни движење кон западните членки на Унијата. Мигрантите се упатени кон границата со Грција, а грчката влада со поддршка сите членки на ЕУ реши да ги затвори своите граници, обвинувајќи ја Турција дека ги злоупотребува мигрантите за своите геополитички цели, во прв ред во соседна Сирија.

По средбата со Столтенберг, Ердоган се сретна и со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, и со претседателот на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен.

Турција, којашто примила околу 3,7 милиони сириски бегалци, сака од ЕУ и НАТО да добие поддршка за својата воена операција во северозападна Сирија. Пограничната сириска покраина Идлиб е последното упориште на бунтовниците кои ги поддржува Турција но и на џихадистичките групации, а сириските владини сили со поддршка на Турција веќе ја вратија контролата над поголемиот дел од покраината.

„Кризата во Сирија, со своите безбедносни и хуманитарни аспекти, претставува закана за нашиот регион и за цела Европа, Ниедна европска земја нема луксуз да остане рамнодушна“, порача Ердоган.

ЕУ сака по секоја цена да го избегне повторувањето на ситуацијата од 2015 година кога околу 1,5 милиони луѓе од Блискиот исток стасаа во западна Европа преку Турција. Брисел со Анкара во 2016 година склучи договор според кој Турција се обврза да ги задржи мигрантите на своја територија, а за возврат Брисел вети 6 милијарди евра за нивно згрижување. Досега се исплатени половина од тие пари, а за продолжување на финансиската поддршка од ЕУ бара од Анкара да прекине да ги поттикнува мигрантите на илегални премини во Европа.

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, изјави по средбата со Ердоган дека е договорено високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Жозеп Борел и турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу со нивните тимови да го анализираат спроведувањето на договорот ЕУ – Турција за мигрантите од 2016-та и да осигураат двете страни на ист начин да го толкуваат договорот.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, изјави дека меѓу ЕУ и Турција постојат разлики во ставовите кон ситуацијата, но дека разговорот бил отворен и констуктивен.

„На мигрантите им е потребна поддршка, на Грција ѝ е потребна поддршка и на Турција ѝ е потребна поддршка“, рече Фон дер Лејен, додавајќи дека договорот од 2016 година сѐ уште важи.

„Денеска разговаравме како да се спроведе она што не е спроведено. Мораме да дојдеме до заедничка дефиниција на она што недостига, она што е спроведено и тогаш да ги спроведеме елементите кои недостигаат. Јасно му ја демонстриравме на претседателот Ердоган нашата решителноста да напредуваме по овие прашања, под услов тоа да е реципрочно. Денеска имавме добра почетна позиција во процесот чијашто цел, во прв ред, е перспективата за мигрантите и стабилноста на регионот“, изјави Фон дер Лејен.

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, оцени дека средбата со Ердоган била „важен чекор во вистинска насока“, додавајќи дека останува уште многу работа за да се дојде до решение.

Агенциите пренесуваат дека турскиот претседател Ердоган не се појавил на прес-конференцијата по средбата со Мишел и Фон дер Лејен.