Авганистанската влада ќе ослободи од затворите 1.500 талибани

Авганистанскиот претседател Ашраф Гани потпиша во вторникот указ за ослободување од затворите на 1.500 припадници и борци на радикалното исламистичко движење Талибан, како поттик за започнување на директните преговори за завршување на војната која трае речиси две децении.

Сите ослободени талибани ќе мора да потпишат писмена изјава дека нема да се враќаат на боиштата. Пуштањето на слободата ќе започне за четири дена, се наведува во указот.

Меѓутоа, челниците на талибаните од поодамна го истакнаа барањето за ослободување од затворите на 5.000 нивни приврзаници и борци.

Преговорите во Кабул и талибаните треба да следат по договорот кој на 28-ми февруари во катарската престолнина Доха го потпишаа САД и бунтовниците со кој се предвидува воспоставување мир и повлекување на американските војници од Авганистан по 18-те години војна.