
Единствениот примерок на женка на белата жирафа во Кенија и нејзиното младенче ги убиле криволовци во резерват на истокот од земјата, соопшти во вторникот локалната организација за заштита на дивиот свет.
Ова извонредно ретко животно не е забележано ниту во една друга земја во светот.
Стрвините на двете жирафи со бела кожа, поради многу ретката пигментација, се пронајдени откако биле убиени од криволовци во резерватот Гираса, на истокот од Кенија.
Сега во живот е останат само еден мажјак на белата жирафа, чијашто мајка ја убиле криволовците, се истакнува во соопштението на организацијата Ishaqbini Hirola којашто управува со резерватот.
Белата жирафа го привлече вниманието на светската јавност во 2017 година, кога беше првпат забележана во кенискиот резерват и кога окоти две младенчиња, од кои последното дојде на свет во август 2019 година.
Белите жирафи немаат знаци на албинизам, туку генетска состојба наречена леуцизам, која е последица на недостиг од пигмент, а која е откриена и кај некои бели тигри.