
Спортскиот конгломерат Реал Мадрид во четвртокот потврди дека кошаркар од неговата прва екипа бил позитивен на коронавирисот по што е затворен спортскиот центар северно од шпанската престолнина каде што тренираат и кошаркарите и фудбалерите, па со тоа е воспоставен карантин, и за кошаркарите и за фудбалерите на „кралскиот клуб“.
„По извршените наоди еден наш кошаркар од првата екипа бил позитивен на новиот коронавирус. Од тој момент на сила стапи препораката за воспоставвуање карантин и за фудбалерите и за кошаркарите, бидејќи делат објекти во спортскиот камп“, соопшти Реал Мадрид без да наведе за кој кошаркар станува збор.
„Го затворивме спортскиот центар Сиудад Реал Мадрид, а на целиот персонал на Реал Мадрид му е препорачано да остане во карантин“, се додава во соопштението.
Ла Лига, организаторот на шпанското фудбалско првенство, во четвртокот на две седмици ги откажа натпреварите во првата и втората лига. За истиот период е прекинато и шпанското кошаркарскио првенство. По истекот на оваа мерка, ќе биде разгледана можноста за нејзино продолжување.