
Премиерот Оливер Спасовски, по денешната средба со лидерите на поголемите парламентарни партии во врска со состојбата со коронавирусот, истакна дека на неа не разговарале за можно одложување на изборите, бидејќи процениле дека сега нема потреба да се носат такви одлуки.
– Во овој момент не разговаравме, бидејќи цениме дека нема потреба сега да носиме такви одлуки. Разговаравме за мерките, за тоа што треба да се преземе, за одговорноста и се договоривме дека за секоја нова состојба што ќе ја имаме, ќе седнеме ќе разговараме за се што ни претстои – рече Спасовски во изјавата по средбата.
Сега за сега, додаде тој, важно е да се усогласи кампањата со мерките на владата, заради тоа што, како што рече, сите треба да се однесуваме одговорно и да знаеме дека добивањето ситни политички поени и партиски интереси нема да придонесат за здравјето на граѓаните.
Спасовски најави дека Кризниот штаб, преку мејл на дневна основа ќе ги информира политичките партии за да имаат информации и да ги планираат активностите.
Здравјето и животот на граѓаните се пред се и над се, но исто така, рече Спасовски, мора да водиме грижа и за економијата која мора да функционира.