ВМРО-ДПМНЕ бара бесплатни маски за граѓаните и силна контрола на веледрогериите кои ја злоупотребуваат состојбата со коронавирусот во Македонија.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на денешната прес-конференција ги соопшти барањата:
-Прво, да се спроведе итна национална набавка на антисептични средства и нивно поставување на јавни прометни места како и овозможување на бесплатна употреба и располагање од граѓаните. Второ, државата односно владата да обезбеди бесплатни маски и ракавици за граѓаните. Трето, потребно е формирање на стручно тело, од посебен тим на експерти, засилено од постојните државни институции кои ќе прават строга контрола на евентуалните злоупотреби на дефинирање на високи цени за продажба на маски, антисептични средства и други превентивни помагала. Ова не случајно го говорам, бидејќи забележани се енормни високи цени кои се нереални при продажба на маските, односно не смее да се дозволи богатење врз здравјето на граѓаните. И за ова имаме конкретни докази за една веледрогерија блиска до власта, за која доколку институциите не реагираат доказите за нереално високи цени и наплаќање на излезни фактури за маски 40 пати повисоки од влезните ќе ги објавиме во јавност. Четврто, обезбедување на бесплатни средства за заштита на работниците под висок ризик од корона вирус, и тука освен здравствените работници, под ризик се и работниците на градилиштата, работниците во јавниот сообраќај, шалтерските работници и редица други професии чија што работа подразбира контакт со лица, рече тој.
Следната, петта мерка која ВМРО-ДПМНЕ ја предлага е редуцирање на работата на државната администрација, половина од администрацијата да се ослободи од работа и да се направи цикличен распоред во работата на државните органи, со тоа ќе се намали и ризикот од брзо ширење на вирусот.
-Шесто зголемување, т.е. удвојување на човечките капацитети на работа во здравствените установи непосредно задолжени за справување со последиците од коронавирусот. Седмо, овозможување на отворена 24 часа линија за консултации и прашања поврзани со вирусот. Осмо, потребно е формирање на посебно државно контролно тело чија единствена задача ќе биде надзор и контрола на примената на превентивните мерки Деветто, еднократна парична помош и целосно бесплатно лекување за заболените од вирусот, рече Мицкоски.