Полицијата започнува контроли по маркетите, кафулињата и салоните за убавина во Дебар

Во врска со одлуката на Владата за спроведување на мерките за спречување на ширењето на корона вирусот и воведување кризна состојба во општините Дебар и Центар Жупа, СВР Охрид, под чија надлежност се двете општини, ќе  преземе сет безбедносни мерки со цел строго придржување кон препораките со посебен акцент на ограничување на движењето на луѓето кои живеат во овие општини .

За таа цел, во СВР Охрид и ОВР Дебар, изработен е оперативниот план со прецизни детали во однос на тоа како ќе функционираат полициските службеници  во рамки на овие општини, каде е прогласена кризната состојба.

На терен се преземаат интензивни активности за контрола на патнички и други моторни возила за влез во Дебар и Центар Жупа, се дозволува влез само на лица кои се жители на општините а истовремено оневозможен е и строго забранет излез на сите граѓани затекнати на подрачјето на двете општини.

Предвидена е координација за непречен дотур на храна, лекови, средства за лична хигиена и други потреби за граѓаните во двете општини.

Лицата затекнати на подрачјето кои не се жители на двете општини, треба да се обратат до Регионалниот центар за управување за кризи со седиште во Локалната самоуправа, на кои, ќе им биде обезбедено сместување и се друго што им е потребно за непречен и безбеден престој.

Посебно нагласуваме дека полициските службеници ќе вршат засилена деноноќна обиколка и контрола на угостителски и други јавни објекти во двете општини и приградските населби (маркети, ноќни клубови, фитнес салони,), со цел доследно спроведување на мерките за спречување на внесување, ширење и сузбивање на корона вирусот, што ги презема Владата.

Упатуваме апел до сите граѓани на Дебар и Центар Жупа но и до граѓаните на општините Струга, Охрид и Кичево, строго да се придржуваат до препорачаните мерки  и насоки усвоени од Владата во врска со спречувањето на ширењето на корона вирусот (COVID-19).

За сите потребни информации, сите правни и физички лица, можат да се обратат до полициските станици и исклучително да се придржуваат до насоките на полициските службеници. Сите оние кои ги прекршуваат дадените препораки, ќе бидат санкционирани согласно член 205 и 206 од Кривичниот законик.