СДСМ се премисли за одлагање на изборите

Дали за владејачката СДСМ одржувањето на изборите е поважно од здравјето на граѓаните?

Членовите во Државната изборна комисија кои доаѓаат од власта, утринава побараа ДИК да донесе заклучок дека постојат услови да се одложат изборите кои се закажани за 12 април, но попладнево го променија ставот, пишува порталот Лидер.

Имено, откако на утринскиот состанок ДИК остави отворена врата за одложување на изборите што беше пренесено од медиумите, истакнуваат од овој портал, попладнево членовите на ДИК од СДСМ побарале промена на ставот.

-Јанакие Витановски и Борис Кондарко, попладнево побараа ДИК да се прогласи за ненадлежен во однос на одлагање на изборите, вели нашиот извор од ДИК.

Промената на ставот, отвора сомнеж дека во владејачката партија има дуални ставови околу ова прашање.

– По се изгледа дел од раководството на СДСМ сака и покрај пандемијата со корона вирусот, изборите да се одржат. Затоа и членовите на ДИК го сменија ставот. Ако се одржат значело дека ќе има многу ниска излезност и партијата се надева дека на таков начин ќе се протне на изборите. Токму затоа членовите од власта побараа ДИК да демантира дека постојат услови за одлагање на изборите, вели нашиот извор од ДИК.

“Економски Лидер” се обиде да стапи во контакт до членовите на ДИК кои доаѓаат од СДСМ. Јанакие Витановски не одговори на нашиот телефонски повик, а Борис Кондарко не сакаше да коментира и не пренасочи кон портпаролот на ДИК.

Од друга страна од опозициската ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека во овој момент изборите вооошто не се приоритет.

Потпретседателот на партијата Александар Николоски рече дека справувањето со корона вирусот е број еден приоритет и токму затоа партијата ги има сите други активности.

Во меѓувреме од ДИК стигна и соопштение во кое се тврди дека тие не дале препорака за одлагање на изборите. Што претставува ретерирање од ставот кој го имаа утринава.

Симптоматично е што соопштението не е потпишано од претседател на ДИК Оливер Дерковски.