Голем број патници кои транзитираат на скопскиот аеродром реагираат дека не им се даваат препораки во однос на тоа дали треба да бидат во самоизолација. Владата вчера донесе мерки дека секој кој слетува од средно или високоризичните држави ќе потпишува изјава за самоизолација, но останува отворено прашањето што е со оние патници кои претходно слетале на скопскиот аеродром од високоризичните земји, а буквално никој не им дал препорака дека треба да бидат во домашна изолација 14 дена, одлука што Владата ја донесе уште на 12 март годинава и со тоа ги задолжи авиокомпаниите, јавува порталот А1он.мк.
Таков е случајот со Татјана Атанасовска Гроздановска, која слетала од Париз вчера (13-ти кон 14-ти), пет минути по полноќ. Франција се наоѓа на листата на високоризични држави во однос на коронавирусот. Само десетина минути подоцна по авионот од Париз, слетал и авионот од Барселона, со еден потврден случај на коронавирус, кога жената сама се пријавила дека има симптоми на болеста.
„Завршивме пасошка контрола брзо, ни беше измерена температурата, имавме основна брошура во раце, а во авионот пополнивме лист со име, презиме, адреса и телефон. И ни кажаа доколку сме биле во Кина, Кореа, Италија или Иран последниве 14 дена и имаме симптоми да се пријавиме. Толку. Тоа беше сè. Ние слетавме од Париз. Парискиот регион Ile-De-France имаше регистрирано околу 1000 случаи со корона вирус. Од тоа што видов во авион, никој од нас слетаните не доби упатства за владини одлуки, уште помалку за домашна самоизолација и најважно ш што тој термин воопшто значи.. барем на еден лист, црно бело испечатени упатства да ни се поделеа. Барем гласно да се потенцираше дека истите се заолжителни, да потпишевме додека ни се ни се проверуваше пасошот некакво писулче дека сме ги виделе, прочитале, разбрале. Не знам дали ќе има силен ефект врз граѓанинот тоа, но е барем е обид да му се предочат и наметнат“, вели таа.
Со други зборови, вели Атанасовска, никој од осумдесетината патници кои вчера слетале од Париз, немале наредба ниту препорака за самоизолација. Таа самата решила да се самоизолира во следниве 14 денови, но не може да предвиди дали и останатите патници кои слетале од Париз го сториле истото.
„Ја поздравувам одлуката на Владата на секој граѓанин кој се враќа од средно и високо ризичните земји да му се издава писмена наредба за задолжителна самоизолација и да се надеваме дека сите ќе ја почитуваат“, вели таа.
За оние кои слетуваат од нискоризичните земји пак, буквално нема никакви препораки во однос на евентуална самоизолација. Прецизни упатства не постојат ни во однос на тоа што е со лицата кои живеат со оние кои се во карантин 14 дена – дали тие смеат да го напуштаат живеалиштето и кои се процедурите за да се заштитат.