
Борбата за власт по цената на човечките животи е неприфатлива наведува во своето обраќање преку социјалните мрежи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицскоки, кој иако е убеден во голема победа на неговата партија на претстојните предвремени парламентарни избори, подоцна во текот на денот на лидерската средба кај шефот на државата Стево Пендаровски, најавува точка на дневен ред за одлагање на изборите, со цел заштита на здравјето на граѓаните.
Според распоредот изборите се закажани за 12-ти април, кога според процените на здравствените експерти ќе се случи пикот со кризата со коронавирусот.
„Сите препораки на релевантните домашни и светски организации се дека најдобар одговор за справување со вирусот е одбегнување на активности. Токму кога се предвидувањата за пикот на здравствената криза, во Македонија ќе треба да се одржат избори“, се вели во објавата на Мицкоски.
Додава дека со вакви анализи и предвидувања, изборите би значеле отворање нови жаришта со коронавирусот во земјата.
„Замислете ден на избори кога во една просторија каде има гласање илјадници избирачи ќе гласаат, ќе заокружат со пенкало, ќе имаат личен контакт со членовите на избирачкиот одбор“, додава лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Во овие кризни моменти, продолжува Мицкоски, ова е ситуација кога човек одбира меѓу личниот и интересот на државата
„… И ова го велам од причина што сосема е извесно дека ВМРО-ДПМНЕ ќе победи на изборите со убедлива разлика, но воедно одржувањето на избори ќе значи и изложување на илјадници граѓани, поточно над еден милион луѓе под директен ризик за нивното здравје и ширење на корона вирусот“, додава лидерот на опозицијата.
„Јас во овие моменти го одбирам, без трошка колебање, интересот на државата и граѓаните, и затоа денес ќе побарам свикување на лидерска средба кај претседателот Стево Пендаровски со точка на дневен ред разговор одлагање на превдремените парламентарни избори со цел заштита на здравјето на граѓаните“, вели Мицкоски.
Оценува дека е потребно е одговорно однесување, кон граѓаните и државата.
„Нема ниту една разумна, и ниту една човечка, рационална и прагматична причина тие да не се одложат, бидејќи за мене, а верувам и на останатите, борба за власт по цена на животите на граѓаните е неприфатливо“, заклучува Мицкоски.