
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) апелира во неделата, во услови кога е прогласена вонредна ситуација поради коронавирусот во земјата, на сите медиуми – електронски, печатени и онлајн медиуми – да им се обезбеди еднаков пристап за известување.
Претходно Владата предводена од СДСМ, упати повик за регистрација на медиуми за он-лајн следење на прес конференциите на министрите, со исклучиво фаворизирање на едно здружение и постапка која е спротивна на законот. Имено, Владата објави дека следење на прес-конференции е можно само од информативни портали регистрирани кај невладината организација Здружение на новинари ЗНМ.
„Имајќи ја предвид неопходноста граѓаните да бидат навремено, објективно и сестрано информирани за превенцијата од ширењето на коронавирусот и мерките коишто надлежните институции ги преземаат, институциите треба да вложат максимални напори во насока на што поинклузивно и потранспарентно работење. Во овој контекст, ја повикуваме Владата и државните органи да овозможат пристап на сите медиуми на своите прес-коференции и слични настани и одговорите на сите неодговорени прашања на конференцииите да бидат објавени на нивните веб страници“, се истакнува во реакцијата на ААВМУ.
Воедно, од асоцијацијата потенцираат дека сите медиуми, без исклучок, треба да известуваат професионално, одговорно и без сензационализам. Покрај ова, сите онлајн медиуми треба да имаат објавено импресум, име на авторот на текстот и податоци за сопственоста.