Учениците научија како безбедно да го поминат патот од дома до училиште

Отсекот за превенција при Единицата за безбедност на патниот сообраќај во СВР Скопје, во рамките на регионалниот акциски план за превенција на СВР – Скопје – проект “Безбедно на патот од дома до училиште“,во соработка со  мисијата на ОБСЕ – Одделот за развој на полиција успешно  ги рализираше сите активности  предвидени со  истиот.

Со проектот беа опфатени дел од основните училишта на периферијата на Скопје, на подрачје на општините Гази Баба, Петровец , Илинден и Сарај, кои се лоцирани покрај сообраќајници на кои се одвива интензивен сообраќај со неизградена, односно недоволно изградена инфраструктура, што во голема мера ја загрозува безбедноста на учениците на патот од домот до училиштето и обратно.

Реализирани беа  35 едукативни работилници со вкупно 787 ученици од прво и второ одделение во шест централни основни училишта и пет подрачни единици и тоа : ОУ “Крум Тошев“, ОУ “Његош“, ОУ “Кочо Рацин“, ОУ “Ристо Крле“, ОУ “Гоце Делчев“ и ОУ “Сами Фрашери“.

 

Активностите се состоеа од теоретска и практична настава на теми поврзани со сообраќајната безбедност при што на учениците им беше подарена рефлектирачка лента за да ја носат на рака со цел да бидат видливи за возачите кога се движат на патот од дома до училиште како истите би биле побезбедни.

Напоредно со работилниците за учениците, беа организирани работни состаноци и со родителите на учениците преку Советите на родители во училиштата на кои тие беа запознаени со целта на проектот и им беше поделен пропаганден материјал, а потоа  беше побарано од истите да дадат подршка во реализацијата на мерките од проектот и да го дадат својот придонес во насока на правилно сообраќајно едуцирање, и воспитување на нивните деца-ученици во училиштата.

Заради нивно полесно и правилно вклучување во реализацијата на мерките, беше одржана кратка презентација со која беа запознаени со правилата и прописите кои го регулираат сообраќајот на пешаците, најчестите  причини за случување на сообраќајни незгоди со потешки последици, опасностите од непочитување на правилата како и статистиката за случени сообраќајни незгоди на подрачјето на град Скопје. Од страна на родителите беа презантирани проблемите на кои што наидуваат како учесници во сообраќајот и предлозите за нивни надминување.

Со цел подобрување на сообраќајната култура кај возачите на МВР, од страна на полициски службеници од Отсекот за превенција беше вршена зајакната контрола на возилата при што на возачите им беше поделен пропаганден материјал со пораки за почитување на обврските кои ги имаат како возачи во однос на децата/пешаците и им беше укажувано на состојбите и последиците кои можат да настанат од непочитување на истите.