
Тројца лекари и четири медицински сестри се задолжени во моментов за здравствената состојба на над 1.150 затворениците во најголемиот затвор во Македонија, КПУ Идризово, во кој, како што нагласи за МИА директорот на затворот, Боби Мојсоски се преземени сите мерки за заштита на затворениците и на вработените поради состојбата со коронавирусот.
Секој новодојден затвореник се подложува на детален преглед, а потоа се изолира 14 дена, по што се внесува во затворскиот систем. Мора да бидат крајно внимателни и подготвени за справување со ситуацијата, нагласува Мојсоски за МИА, додаваќи дека во затворот може да пристигнат и затвореници со ектрадиција.
Оваа недела немале таков случај, но минатата недела пристигнал затвореник од Србија и тој е во изолација.
Директорот на Идризово нагласува дека водат грижа и за вработените, работат со маски, има постојани дезинфекции во сите ќелии.
Вчера имаше информација што не е основана за заболени затвореници од коронавирус, а јас можам да кажам за затворот Идризово дека во моментов немаме никакви индикации на коронавирусот. Ги презедовме сите мерки и предвреме, пред да дојдат сите забрани, забранивме посети, викенди, слободни видувања. Дозволени се само пакети да им се носат на затворениците со храна и со средства за хигиена, вели Мојсоски за МИА.