Стопанската комора бара измени во уредбата за движење за да може да се организира втора смена во викенд

Потребно е  да се измени соодветно Уредбата со која им се дозволува на работниците да одат и да се враќаат од работа и во периодот кога има забрана за движење за да се овозможи да важи и за втора смена кога тоа го налагаат околностите како претстојниот викенд, изјави денеска Зоран Јовановски , главен советник на Управниот одбор на Стопанската комора за економски прашања во своето видеообраќање.

– Досега компаниите што работеа само во две смени можеа да го реализираат производството во периодот од 05 – 21 часот. Но, утре, сабота, забраната за движење на граѓани започнува порано, од 16 часот. Што значи тоа за компаниите што работат во две смени и редовно работат до 20 часот? Не смеат да работат со втора смена? Постојните дозволи не се однесуваат за втора смена, како што е случајот со викендов, бидејќи Уредбата со која им се дозволува на работниците да одат и да се враќаат од работа и во периодот кога има забрана за движење се однесува само на ноќно работење, трета и четврта смена. Што да прават компаниите во вакви околности? Ова е пример за прашање што бара јасен и брз одговор за да може производството да се извршува онаму каде што се уште се одвива и во вакви вонредни услови – посочува  Јовановски.

Затоа, според него, е многу важно да постои механизам на добра комуникација кој ќе овозможи да се добие валидно толкување од оној што е овластен да го даде.

Тој во обраќањето информира и за активностите на комората за обезбедување на проодност на коридорите за транспорт на стоки.

– Во врска со информациите за застој во транспортот на камиони на српско-македонска граница, Комората е активно вклучена во комуникација со Стопанската комора на Србија, и заедно со Владата на Република Србија се работи на отстранување на пречките – вели Јовановски.

Тој информира и дека Советот на министри на Босна и Херцеговина донесе одлука со која определи гранични премини за влез и излез на стоки кои транзитираат низ таа држава. Деталите за таа одлука компаниите можат да ги најдат на интернет сајтот на Комората.