Дали администрацијата ќе зема 14.500 денари плата ќе се знае утре

Владата многу брзо, најверојатно на утрешната седница ќе донесе дел од мерките за помош на вработените во приватниот и во јавниот сектор, изјави министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, прашан дали се разгледува предлогот на претседателот на СДСМ Зоран Заев за намалување на платите на 14.500 денари додека трае корона кризата.

– Ова е еден од предлозите. Владата се уште го разгледува и ќе се произнесе во однос на тоа – посочи Манчевски.

Министерот информира дека дозволите за движење за време на полициски час за медиумските работници се трајни.

– Со оглед на тоа што увидовме дека добро фукнционира системот на овие издадени дозоволи и дека навистина медиумите се придружуваат до она што беше договорено. Да се користат само за потреби на нивните репортерски екипи и затоа одлучивме и за да го растовариме системот на добивање дозволи, овие дозволи за медиумските работници се трајни – рече Манчевски.

Прашан дали и во колкава мера ќе се крати на лиценци за софтвер во јавната администрација и за државниот апарат, министерот Манчевски рече дека сега се прават анализи.

– Не се работи само за лиценци и за софтвер. Се работи за целосна прераспределба на средства во буџетот. Навистина ова е една голема економска и финансиска криза со која се соочуваме и ќе се соочиме. И сите ќе треба солидарно да го поднесеме товарот – рече Манчевски.