Историски пад на испораките и производството на паметни телефони и други мобилни уреди

Испораките на паметни телефони и други мобилни уреди во февруари паднале за речиси 40 отсто во однос на истиот месец минатата 2019 година, што е најголем и историски пад на ваквите испораки, а поради пандемијата од коронавирусот се очекува и пад на нивното производство за над 30 отсто во првата половина од 2020 година, покажуваат најновите анализи на компаниите за истражување на глобалните пазари.

„Ваков голем и историски пад на испораките на паметните телефони и други мобилни уреди во светот е резултат на испорачаните околу 62 милиони единции во февруари годинава, напсроти истиот месец во 2019-та, кога се испорачани повеќе од 99 милиони“, се истакнува во извештајот на компанијата „Strategy Analytics“.

Ваквата состојба на пазарите ја припишуваат на негативното влијание на пандемијата на коронавирусот, поради што многу фабрики се затворени, што значи и пад на испораките за трговците.

„Понудата и побарувачката на паметните телефони и другите преносни уреди по потопот во Кина, забави и во остатокот од светот“, истакнува извршниот директор на споменатата компанија Нил Мејвстон, додавајќи дека ниту за март во овој сегмент не се очекуваат подобри податоци.

И глобалната аналитичка куќа за технолошките трендови IDC за првото полугодие од 2020 година предвидува пад на испораките на мобилните уреди од 11 отсто, а можеби и повеќе, додека од компанијата „Qualcomm“ кон крајот на март најавија можно благо закрепнување по неодамнешниот пораст на побарувачката на мобилни уреди во Кина, покрај најавите дека во оваа земја производството на слушалки и други компоненти, исто така, почнува да се враќа во нормалата.

Амалитичарите ветруваат дека трговците и добавувачите имаат и резерви од овие уреди, но предупредуваат дека тие брзо би можело да се „истопат“, имајќи предвид дека зголеменото користење во изминатите период на изолации и карантини на населението во светот, може да поттикне нова побарувачка.

Од друга страна, глобално се очекува дека пандемијата ќе влијае и на падот на производството на паметните телефони, потенцијално и над 30 отсто во првата половина до 2020 година, наведуваат од консултантската компанија за глобалните пазари на технологиите „ABI Research“.

Според нивните предвидувања од крајот на март, пандемијата на коронавирусот ќе има краткорочни и долгорочни влијанија и на производството и на испораките на паметните телефони и другите мобилни уреди, вклучително и оние за мобилните мрежи од новата петта генерација 5G, за кои се очекува застој.

„Имајќи предвид дека Кина, како едно од најголемите производствени пазари за повеќето мобилни уреди, се најде во епиценарот на избувнувањето на коронавирусот, тоа лошо се одрази на глобалниот пазар на овие уреди. Дојде до масовно нарушување на производствените линии и застој на сврзувачките синџири на снабдувањето, предизвикани уште и од недостигот на работна сила и неактивната логистика. Бидејќи голем дел од светскиот пазар на мобилните уреди се потпира на Кина за производство и снабдување со компненит, се покажа и дека многумина во светот тоа го дочекаа неподготвени“, оценуваат од спомнатата компанија.

Сметаат дека тоа особено негативно во кус рок ќе влијае и на 5G уредите, чиешто појавување на пазарите производителите започнаа засилено да го најавуваат кусо пред пандемијата. Но сега се предвидува дека количински тие испораки во 2020 година ќе бидат значително помали отколку што се очекуваше.

„Без сомнение, и побарувачката на 5G уреди, како и на сите производи врзани со мрежите од петтата генерација, пандемијата ќе ја забави, а прашање е и дали на пример Apple во септември, како што најави, ќе успее да го лансира својот прв 5G iPhone“, проценуваат аналитичарите, кои додаваат дека „дури и пандемијата да се намали до крајот на вториот квартал од 2020-та, треба да мине уште извесно време секторот на уредите да закрепне“.

Од американскиот технолошки гигант „Apple“, исто така, изразија загриженост дека падот на побарувачката на мобилните уреди може да продолжи во следниот период годинава, иако се очекува дека тоа би можело до некаде да се намали во април, кога, доколку тоа е можно, го најавија повторното отворање на своите продажни места во многу земји во светот каде што ги затворија поради пандемијата.