Болницата во Кочани за скандалот со жената: Семејството не побарало информација од специјалистите, дојавувачот ќе го бара МВР

Општата болница во Кочани излезе со соопштение по случуањата со пациентката, односно мајката на Бчагојче Дончев, која некој од персоналот ја прогласи за мртва и семејството се подготвуваше за погреб, при подигнувањето констатираат дека таа е жива и дека некој си поиграл со нивната состојба. Во соопштението се осврнуваат на здравствената состојба и на она што излезе во медиумите, но виновник не се лоцира туку се посочува дека случајот е пријавен во соодветните институции.

„Пациентка со иницијали Ј.Д. на возраст од 58 год, од страна на медицинска екипа на ИМП на ден 30.03.2020 година околу 14:30 часот е донесена на Интерно одделение во Општа болница со проширена дејност Кочани. При примарниот преглед пациентката била во крајно лоша општа состојба, сопорозна, со нарушени витални параметри, немерлива тензија и диспноична. Дополнително е добиен хетероанамнестички податок дека пациентката е со придружни коморбидитети- ревматоиден артритис, квадриплегија за кои подолг период примала терапија.
Заради тежината на клиничката слика е повикан анестезиолог и е отпочната реанимација и интензивен третман, на што е добиен позитивен одговор. Конзилијарно е повикан невролог и по стабилизација на виталните параметри конзилијарно е одлучено пациентката да биде хоспитализирана на Интерно одделение каде добива соодветен третман“, се вели во соопштението на ЈЗУ Општа болница Кочани.
Во однос на објавата пренесена на медиумите од страна на синот, стои во соопштението, кој добил информација дека неговата мајка починала, а истата била жива, по обавениот разговор со тимот на дежурни лекари специјалисти имаме информација дека никој од семејството не ги контактирал лекарите специјалисти кои работат на Интерно одделение за да добие информации за пациентката, зашто информации за хоспитализиран пациент дава лекар специјалист.

„Случајот кој беше објавен во јавноста е пријавен во соодветните институции, земени се изјави од сите инволвирани и по добивање на извештајот од институциите ќе излеземе со ново соопштение за јавноста, а доколку се утврдат неправилности од страна на вработени во нашата институција истите соодветно ќе бидат санкционирани“, истакнуваат од ЈЗУ Општа болница Кочани.

Да потсетиме дека членовите на нејзиното семејство добиле известување за случајот по што почнале подготовки за погреб, но кога со погребен оператор отишле да го подигнат телото на жената дознале дека таа е жива.

-Мојата 58-годишна мајка има прележано два мозочни удари и поради влошување на здравствената состојба побаравме итна медицинска помош, по што ја однесоа во болницата. Вечерта ни јавија дека починала, поради што ги известивме роднините и пријателите, купивме погребна опрема, обезбедивме гробно место и испечативме некролози. Утредента кога отидовме да ја земеме од болницата ни рекоа да почекаме додека најдат на кое одделение починала. Ја најдовме на интерно, но нè известија дека е жива, истакна синот Благојче Дончев.

Од Општата болница во Кочани вчера го потврдија случајот за кој веќе е спроведена внатрешна контрола, по што беше повикана и полицијата.

– Во тек е истрага за случајот. Претпладнево вработени во болницата се повикани да дадат исказ во полициска станица. Истрагата треба да ги открие виновниците, истакна вчера Александар Серафимов, директор на Општа болница Кочани.

Од семејството Дончеви рекоа дека очекуваат соодветни санкции за сите вклучени во случајот, а поради состојбата со коронавирусот не можат да ја посетат мајка си, па сите информации за нејзината здравствена состојба ги добиваат преку матичниот лекар.