
Германскиот извоз на оружје и во првиот квартал од годинава е во натамошен раст, при што расте и во земјите коишто не се членки ниту на Европската унија, ниту на НАТО.
„Во првиот крвартал од оваа година Германија извезе оружје во вредност од 1,16 милијарди евра во споредба со 1,12 милијарди ева во истиот период минатата година“, соопшти во четвртокот германската влада на прашање од пратеничката Севим Дагделен, од опозициската партија Левица.
Германската влада лани одобрила извоз на вооружување во вредност од над 8 милијарди евра. За разлика од минатата 2019 година, кога најголем дел од извозот на оружјето бил наменет во некој членка на ЕУ, оваа година најголемиот дел отпаѓа на ткн трети земји, кои не се членки ниту на ЕУ, ниту на НАТО.
Стручњаците проценуваат дека висината на вредноста на извозот од вкупно 615 милиони евра во третите земји во најголем дел се однесува на испораката на една подморница на Египет.
Невладините организации досега често го критикуваа извозот на германско вооружување и воена опрема на Египет, поради неговото учество во војната во Јемен.
Пратеничката Дагделен ја повика германската влада да ја промени политиката на извозот на оружје.
„Додека Обединетите нации во текот на кризата со коронавирусот повикуваат на глобално примирје, Германија со извозот на оружје во кризните региони долева масло на огнот“, рече Дагделен. Рече и дека на Германија ѝ е потребно пренасочување на производството на оружје кон производството на цивилни стоки, како медицинска опрема.
Според податоците на шведскиот институт за следење на трговијата со оружје Sipri, Германија во периодот од 2015 до 2019 година, во споредба со периодот од 2010 до 2014 година, го зголемила извозот на оружје за 17 отсто.