
На скопскиот аеродром денеска во 14 часот со организиран лет од Венеција, Република Италија, ќе пристигнат 180 патници, информира владата.
-Како и досега, така и за овие наши граѓани е организиран превоз според сите пропишани стандарди и тие ќе поминат 21 ден државен карантин во хотел „Дрим“ во Струга, согласно одлуката од 40-та седница на владата, која се однесува на прифаќањето на патниците што доаѓаат од високо ризична земја според листата на Светската здравствена организација. Секој македонски граѓанин, кој се враќа во нашата земја со превозот организиран од владата, има обврска самостојно да го плати авионскиот лет и за веќе утврдената процедура запознаени се сите патници. Сместувањето во државен карантин е во строго контролирани и безбедни услови, без никаков финансиски надомест, соопшти владата.
Нашите државјани кои ќе допатуваат од Италија, Венеција, од аеродром до локацијата за државен карантин ќе бидат превезени со безбеден и строго контролиран автобуски превоз.
Автобусите се со дезинфицирана внатрешност од страна на сертифицирана компанија, обезбедени со полициска придружба, а возачите се со целосна заштитна опрема и скафандери. За граѓаните има обезбедено закуска и вода.