Министерот за здравство, Венко Филипче засега не гледа потреба за воведување на дополнителни мерки на подрачјето на општина Куманово.
На новинарско прашање во врска со апелите од локалната власт – во општината да се воведе карантин Филипче вели:
„Имајќи во предвид дека таму нема ниту јавен превоз, ниту меѓуградски превоз, како посебна мерка за Куманово, со овие мерки на рестрикција на движењето сметам дека има простор ситуацијата да се следи“, рече Филипче.
Од друга страна, истакна Филипче, дека по добиените податоци за тоа оти неколку дена по ред нема нови случаи на заразени од коронавирусот во општините Дебар и Центар Жупа во тек е скрининг на теренот преку матичните лекари.
„Направен е целосен распоред на активности на матичните лекари за скрининг на граѓаните, на новодијагностицирани пациенти за антитела и да се види евентуално стекнатиот имунитет. Овие податоци ќе бидат многу значајни за натамошните испитувања“, изјави Филипче.
Министерот информираше дека од досега добиените резултати од тестовите извршени на сите во истражниот затвор во Шутка нема ниту еден позитивен тест. Таму биле направени интензивни клинички прегледи во сите блокови на објектот, детално била анализирана состојбата и засега нема други позитивни, но се чекаат резултатиите од тестирањата извршени на уште неколкумина затвореници и вработени лица.
Досега се заболени вкупни 122 здравствени работници, а од нив седумина се оздравени. Вкупната бројка на заболени лица е 908.
„Податокот дека денеска имама 42 оздравени пациенти од коронавирусот навистина нѐ радува. Вториот тест кај овие лица покажа дека нивните резултати се негативни“, рече Филипче и додаде дека здравствениот систем има доволен број ан слободни респираторни машини.
Денеска резултатот од тестот на лаборант вработен во Детската клиника бил позитивен, по што четворица од 18 вработени се во изолација. Утврдено е дека за време на извршување на работните задачи на овие вработени користена била заштитна опрема. Министерот информираше дека и двете бебиња позитивни на коронавирусот, 4 месечно и 2,5 години, се во стабилна состојба.
Министерството за здравство денеска ја заврши постапката за набавка на 31 респираторни машини, што ќе оди преку две компании.