Уругвај ја напаѓа Костарика без Луис Суарез

Мундијалската авантура денеска ја стартуваат и репрезентативците на Уругвај кои имаат обврска да забележат сигурен триумф во дуелот против најголемиот аутсајдер во групата “Д”, селекцијата на Костарика.

Зацртаната цел ќе беше полесно остварлива доколку селекторот на Уругвај, Оскар Табарез на располагање ги имаше и услугите на најдобриот фудбалер за изминатата сезона од англиската Премиер лига, бомбардерот на Ливерпул, Луис Суарез.

Иако веќе неколку дена тренира со останатите репрезентативци и не чуствува никаква болка во повреденото колено, Суарез ќе мора од клупата за резерви да го следи дуелот против репрезентацијата на Костарика.

„Последниот тренинг го одработи со полно темпо, но на сите ни е јасно дека не е 100% подготвен. Нема потреба од некакво брзање, не потреба од некаков ризик. Се подготвивме како да ја немаме помошта на Суарез. Мора да бидеме многу внимателни, да бидеме сконцентрирани во сите 90 минути. Се е во ред со неговата рехабилитација, но и овој тим на Уругвај е доволно кавлитетен за да ги освои сите три бода”, изјави Табарез.

Дуелот помеѓу Уругвај и Костарика ќе стартува во 21:00 часот.