Бројот на новите случаи на инфекција со коронавирусот во Италија во средата останува под три илјади во текот на едно деноноќие – 2.667 случаи, соопшти во средата во вечерниот брифинг Агенцијата за цивилна заштита.
Во вторникот дневниот раст на новозаразените првпат по еден месец беше под границата од три илјади, односно 2.972 случаи.
Според најновите податоци од средата, вкупниот број заразени од почетокот на епидемијата во Италија надминува 165.000 лица. Притоа, бројот на смртните исходи во последните 24 часа изнесува 578, што е повторно потврдување на надолниот тренд, а со што вкупниот број жртви од Covid-19 во Италија се зголеми на 21.645 лица.
Но и бројот на излекуваните лица во текот на изминатото деноноќие е помал отколку ден претходно, и изнесува 962 во споредба со 1.695 во вторникот. Вкупниот број излекувани од почекот на епидемијата, досега надминува 38.000 лица.
Како што истакна шефот на Агенцијата за цивилна заштита, Анџело Борели, бројот на хоспитализациите опаѓа, а истовремено се ослободуваат и кревети во пренатрупаните одделенија за интензивна нега.
„Во моментов 105.418 заразени лица се подложени на болничко лекувања, 1.127 повеќе од вчера, кога забележавме миминален раст на заразените уште од 6-ти март, односно 675 лица“, рече Борели.