Кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски кој денеска преку Фејсбук ја информираше јавноста дека е позитивен на коронавирусот, попладнево преку видео врска се вклучи во вестите на ТВ24 и соопшти дека целиот општински кризен штаб се тестирал по вторпат во неделата и дека вториот тест бил позитивен за него и за уште пет други членови.
– На втората седница на штабот дојде епидемиолог, ни ја измери телесната температура и ни рече дека мора да ни направи тестирање за ковид-19, бидејќи таква била процедурата. Ни зедоа брис и првите резултати на сите нас тогаш беа негативни. Но, во меѓувреме добивме информација дека член на семејството на еден член на штабот е заразен од коронавирусот, па теренскиот епидемиолог во неделата повторно ни зеде брис и денеска ги добивме резултатите кои се покажаа позитивни. Имаме пет позитивни членови на штабот, а не десет како што се зборува – рече Димитриевски.
Тој истакна дека засега не чувствува симптоми на вирусот, освен, како што додаде, хроничниот алергиски синуситис.
– Им порачувам на граѓаните да бидат посвесни за своето здравје и да одржуваат социјална дистанца – рече Димитриевски.