Филипче не бил информиран дека членовите на Кризниот штаб во Куманово чекаат резултати

На анкетата со епидемиолозите беше утврдено дека ризикот во Куманово не е толку голем за мене, но јас сепак одлучив да работам од дома и така да дадам пример за другите дека ова е начинот на кој треба да се постапува доколку сте биле во близина на заразени луѓе со коронавирусот. Вака министерот за здравство, Венко Филипче, ја започна денешната прес-конференција што ја водеше од својот дом.

Тој рече дека не бил информиран дека на дел од членовите на Кризниот штаб во Куманово им бил направен тест за ковид-19, а доколку го знаел тоа, рече тој, поинаку ќе постапел. Сепак, додаде министерот, и покрај сè, тој бил соодветно заштитен со оглед на тоа што Куманово важи за регион со поголем ризик.

Филипче рече дека бројот на заразени не треба да нè изненадува имајќи предвид дека земјава влегува во пикот на заразени со коронавирусот.

– На Клиниката за инфективни болести оздравеа 18 лица кои се лекуваат во домашни услови. За жал, иамме еден пациент починат од Струга на возраст од 50 години. Тој бил хоспитализиран на 27 март во многу тешка здравствена состојба. Денеска беа потврдени 107 нови случаи, но тој број не треба да изненадува затоа што земјава влегува во пикот. Ова е уште еден сигнал и уште еден момент да апелирам до граѓаните да ги почитуваат сите мерки со цел да се спречи ширењето на заразата. Вкупната бројка сега изнесува 1081 заразен пациент, 46 се починати, а 121 се оздравени. Бројот на активни заболени изнесува 914. Денеска беа направени 660 тестови, а вкупно досега 10.422 тестови – рече Филипче.

Тој додаде дека во Градската болница лежат 38 пациенти, а на респираторна машина се 6 пациенти, додека, пак, состојбата на пациентите во Битола и во Штип е стабилна и нема значајна промена во однос на претходните денови.

– Денеска разговарав со директорката на Клиничката болница во Битола во врска со случајот со заразениот пациент кој ја разбранува јавноста, па можам само да кажам дека здравствениот инспекторат целосно ќе го истражи тој случај. Во врска со притвореникот од затворот во Шутка кој е починат, неговиот тест е негативен, но таму и понатаму продолжува активната работа на лекарите во смисла на прегледи и тестирања – рече министерот и додаде дека се прават и понатаму ќе продолжат да се прават тестирања врз пациентите во болницата во Куманово.

Филипче соопшти дека во изминатите 24 часа биле тестирани и десетина трудници кои се хоспитализирани на ГАК.

– Направени се тестови врз трудниците и сите тестови се негативни, а индиција беше тоа што многу повеќе родилки беа примени во изминатиов период на ГАК – рече Филипче.

Во поглед на претстојниот празник Велигден, министерот посочи дека останува на ставот оти не смее да има групирање на граѓаните.

– Влегуваме во најкритичната фаза на епидемијата, но не смееме да дозволиме да дадеме шанса и понатаму да ни се јавуваат нови пациенти позитивни со коронавирусот во нашата земја. Сите имаме одговорност, а собирањето и групирањето е огромен ризик и граѓаните треба да го прослават Велигден соодветно и да се придржуваат до препораките – заклучи Филипче.