Македонија ќе мора да заборави на „македонско малцинство во Бугарија“ и на „македoнски јазик“ и да користи само „службен јазик на РСМ“, ќе мора брзо да работи со комисијата за историски прашања… ако сака да ги продолжи преговорите со ЕУ, се вели во документот до кој дојде МКД.мк. Оваа Изјава на Република Бугарија, која МКД.мк ексклузивно ја објави на 17 април, стана дел од резимето на заклучокот за проширување на ЕУ и датумот за преговори за Македонија и Албанија. Со ова Бугарија го условува одржувањето на меѓувладината конференција за конечното дефинирање на преговарачкиот пакет за почеток на преговорите на Македонија и Албанија.
Нема ништо ново во ставот на Бугарија во однос на македонскиот народ, јазик и малцинство, но оваа изјава на Бугарија стана дел од протоколот за преговарачкиот пакет.
– Ние сме фрапирани што власта, пред сѐ Зоран Заев и Никола Димитров решија да го кријат овој документ од нас, како најголема политичка партија во Македонија и секако од јавноста. Скандалозен е обидот ова да се сокрие. Во една сериозна држава после ваков документ се отвора широка политичка и општествена дебата за да се одговори на истиот, се прави стратегија и се дејствува. Во Македонија ова се крие! Ние за овој документ дознавме од вас како медиум и во таа насока би сакал да ви честитам за отворањето на оваа исклучително значајна тема.
Јасен е одговорот зошто Заев и Димитров ова го кријат. Овој документ е демант на отворена сцена на сите лаги. После ова јасно е дека Македонија не доби датум за почеток на преговори, ниту пак скоро ќе ги почне. Исто така паѓа во вода тезата дека Заев и Димитров решаваат проблеми. Напротив, тие создаваат нови, далеку попроблематични за иднината на Македонија проблеми. За овој документ, неговата содржина во која се брише македонскиот народ, македонското малцинство во соседните држави, како и македонскиот јазик, како и криењето на неговата содржина мора да има политичка одговорност. Па видете до каде нѐ донесе обидот на Заев да се спаси од одговорност за своите криминали и кариеризмот на Димитров. Целосно бришење на македонскиот народ и јазик. После промената на името, ова е финален обид за поништување на македонската држава онаква каква ја познаваме, а генерации ја сонуваа, вели Николоски
Како ќе реагирате? Што може да преземете во Брисел? Што ќе преземете на домашен терен?
– ВМРО-ДПМНЕ пред сѐ, не е сѐ уште официјално информирани за ова. Ние сме екскомуницирани од власта за најбитното национално прашање во Македонија. Никола Димитров наместо кога патува во странство времето да го троши на кодошење на ВМРО-ДПМНЕ и барање од своите соговорници да го напаѓаат ВМРО ДПМНЕ, да го трошеше времето на заштита на националните интереси, веројатно ваков документ од Бугарија немаше да има.
Сакам да потсетам дека овој документ е продолжение на Декларацијата на Собранието на Бугарија од октомври минатата година со која декларација се ставија темелите на овој документ кој сега официјално го прифати ЕУ. Со Декларацијата на Собранието на Бугарија се бара да се избрише македонскиот народ и јазик. Тогаш претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски предложи како одговор на тој бугарски документ да се донесе декларација во Собранието на Македонија со која ќе се одговори на истата и ќе се заштитат македонскиот јазик, народ, како и националното малцинство во соседните земји. Побара истата да биде поддржана од сите релевантни политички парти. Наместо да се отвори дебата за оваа понуда и да се развие заедничка стратегија, добивме комплетно игнорирање од власта. А во последниов месец и криење и лажење на јавноста за новите уцени со кои е соочена Македонија. Нас како држава итно ни е неопходно да создадеме заеднички усогласена надворешна политика како и стратегија за национална безбедност. Овие два документи треба да се прифатени од сите политички партии и да бидат основа на работата на секој министер за надворешни, внатрешни и одбрана како и директорите на безбедносните агенции, без разлика од која партија се. Тоа го предлага Мицкоски, но наместо одговор на подадената рака добивме криење и бегање од одговорност, што резултира со национално понижување кој знае кое по ред со Заев и Димитров. За жал ова може да е фатално за државата и народот.
Дали ова може да значи и прекинување на преговорите за членство во ЕУ?
– Членството на Македонија во ЕУ е стратешки приоритет број еден, желба на огромно мнозинство на македонскиот народ. Ние можеме и ќе станеме дел од ЕУ. Можеме тоа да го направиме достоинствено, а не понижени.
Проблемот е што власта на Заев и Димитров освен национални порази, криминал и економско опустошување ништо друго не донесе. Народот е национално понижен, а економски сѐ повеќе тоне секој ден. После мандатот на Заев и Димитров што имаме? Странски инвестиции нема, домашните се ретки, економско цунами, осиромашени граѓани. Дополнително на тоа, имаме и целосно национално обезличување. Ајде да споредиме што имавме пред Заев, а што имаме денес. Дури и една далеку од добра политика на владите пред Заев ја позиционира Македонија како земја чиј јазик, македонскиот и националноста, македонска, беа признати од Обединетите Нации, а под уставното име беше призната од мнозинство од земјите членки на ООН. Денес името е променето, националноста исто така, а со овој документ на Бугарија под опасност е и јазикот, историјата и македонското малцинство во соседните земји. Затоа впрочем Заев е најпосакуван политичар од Македонија за Бугарија и Грција. Тој, за да го заштити својот криминал, подготвен е сѐ да распродаде, а овие наши соседни држави да можат да ги остварат своите вековни национални интереси. Ние сме за добрососедски односи, но истите мора да бидат плод на взаемно почитување и разбирање, плод на согласности, а не на уцени.
До каде сме подготвени да отстапуваме во име на евроатлантските интеграции?
– Македонскиот јазик не може и не смее да биде предмет на каков било договор и не смее да биде доводен под прашање. Тоа е јазикот на кој сите ние зборуваме. Нашиот идентитет. Отстапки тука не смее да има! Гласно го поставувам прашањето дали Заев и Димитров се спроведувачи на проектот за бришење на македонскиот јазик и создавање на нова т.н. „северномакедонска нација”? Јавно прашувам дали можеби Заев ова го прави под уцена имајќи предвид дека неговото семејство поседува фирми во соседни држави и дали е тоа предметот на уцена?
Наместо светлата иднина која ја ветуваше, добиваме уништена економија, луѓе кои едвај чекаат да заминат од Македонија, и целосно национално обезличување.
Овие барања на Бугарија делумно излегуваат и од рамката на Договорот за пријателство и добрососедство и се против основните принципи на основање на Унијата. Можно е Бугарија да се повлече од ова?
– Дали Бугарија ќе се повлече од овие нивни барања зависи само и исклучиво од Македонија. Ако државата економски се развива и воспостави стабилен систем на владеење на правото, а со тоа да стане држава за почит, тогаш има простор да ја сфатат Македонија сериозно и да ја почитуваат. Но, ако тие кои ја водат се криминогени и со ограничени способности, кариеристи, тогаш само небото е граница на националните понижувања. Ако, пак, Македонија ја водат чесни луѓе, патриоти кои не се продаваат за пари и држат до себе, тогаш секој ќе се повлече зашто ќе види став на другата страна. Таквите политичари добиваат почит и се рамноправни партнери дури и кога се од мали држави како Македонија. Ваквите како Заев и Димитров, без разлика колку ги тапкаат по рамо, добиваат презир и непочитување. Така што изборот е на Македонија. Јас сум сигурен дека и од оваа битка Македонија и македонскиот народ ќе излезе со гордо крената глава.