
Пратеници на СДСМ се очекува денеска до Собранието да ја достават иницијативата за повторно ставање во фунцкија на законодавниот дом, што се самораспушти на 16 февруари поради одржувањето на предвремени парламентарни избори на 12 април, кои, пак, беа одложени поради пандемијата со ковид-19. Претседателот на Парламентот Талат Џафери не се изјасни дали ќе свика седница што би значело повторно ставање во функција на самораспуштениот Парламент и чека да ја види содржината на иницијативата, иако претходно кажа дека Собранието не може повторно да се состане.
Целта на оваа иницијатива, како што појаснија вчера од СДСМ, е да бидат потврдени двете одлуки на претседателот на државата Стево Пендаровски за вонредна состојба од по 30 дена за да се спречи ширењето на коронавирусот во земјата, но и да се остави можност доколку има потреба пратениците повторно да можат да одлучуваат.
Свикувањето на седницата од СДСМ го засноваат на Деловникот и на Уставот. Седница, како што посочуваат, може да се свика со собрани 20 потписи од пратеници врз основа на член 67 од Деловникот за работа на Парламентот во којшто во став два се предвидува дека „Претседателот на Собранието може да свика седница и по барање на претседателот на Републиката, Владата и најмалку 20 пратеници“. Според член 63 став 4 од Уставот, пак, „мандатот на пратениците во Собранието може да се продолжи само во случај на воена или вонредна состојба“.
Иницијативата нема поддршка од најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, ниту од ДУИ, која, сепак, остави простор најнапред да ја види иницијативата па конечно да се изјасни.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, за МИА потенцираат дека станува збор за иницијатива на поранешни пратеници, а ставот за тоа партијата го соопштила јасно на последната лидерска средба.
– Каков било чекор кој е надвор од договореното и прифатеното и од политичките лидери на последната лидерска средба ќе претставува еднострано прекршување на принципот за политички консензус. Очигледно станува збор за две работи, или Заев си влегува во приватни аранжмани и комбинаторики со пратеници, или пак е преголема желбата да се лови во матно, односно во ек на најголемата здравствена и економска криза кога луѓе буквално ги губат своите животи, Заев да носи лични еднострани решенија на штета на државата – потенцираат од ВМРО-ДПМНЕ.
ДУИ, посочија, дека не се запознати со содржината на иницијативата на СДСМ и досега не е побарана поддршка или консултација за ова прашање, потенцирајќи дека сите одлуки би требало да се носат со општо консензус и широка поддршка.