
Автобусите на ЈСП „Скопје“ и на приватните превозници од денеска ќе возат во две смени, односно од 5 до 9 часот и од 13 до 19 часот. Новиот возен ред е донесен откако денеска Владата одлучи да се намали времетраењето на полицискиот час и дозволено е движење до 19 часот во работните денови.
Автобусите ќе возат по саботен возен ред, со исклучок на линиите 9, 19, 20 и 23 кои ќе сообраќаат по редуциран делничен возен ред.
– Од сабота од 15 часот до понеделник до 5 часот, јавниот превоз нема да функционира. За деталите за режимот на јавен превоз во сабота ќе информираме во текот на денот – велат од ЈСП „Скопје“.
Од 7.30 до 17 часот ќе работат билетарниците во Аеродром, Ѓорче Петров, Драчево, Маџари, Бутел, билетарницата на Зелен пазар и таа во Автокоманда, кај дирекцијата на ЈСП „Скопје“. Отворени од 7.30 до 17 часот ќе бидат центрите за персонализација во Карпош 2, на Бит пазар и центарот на Транспортен центар.
Според мерките кои денеска ги донесе Владата, сите кои користат јавен превоз задолжително треба да носат заштитна маска, марама или шал.