
Собранискиот спикер, Талат Џафери и денеска остана без официјален одговор на иницијативата која што ја потпишаа 35 пратеници предводени од СДСМ.
Џафери, не е обврзан ниту со Деловникот ниту со закон, со рок или обврска за да го одговори на иницијативата за итна седница. Но, сепак се очекува негово произнесување по предлогот. Претседателот на собранието досега беше дециден дека по одлуката на пратениците за самораспуштање од февруари годинава парламентот не може повторно да заседава.
Молкот на Џафери, но и ставот на ДУИ кон иницијативата, ги подгрева се посилните гласини дека покрај одлуките за вонредна состојба СДСМ ќе достават предлог и за смена на Џафери од претседателската позиција во законодавниот дом. СДСМ официјални ги демантираа овие информации. Велат единствен мотив за иницијативата е потврда на одлуките на претседателот Пендаровски.
„Ние како пратеници уредно и согласно Уставот, согласно деловникот на Собранието и изборниот законик , ја поднесовме иницијативата за свикување седница на Собранието. Сега претседателот на Собранието е на потег истата седница да ја закаже. Имено ставот на пратениците којшто се потпишани на иницијативата што вчера беше уредно поднесена во собраниската архива е дека Собранието треба да се стави во функција. Потребата за свикување на Собранието произлегува од времетраењето на здравствената криза, а истовремено и за потврдување на одлуките од страна на Претседателот на државата за прогласување на вонредна состојба“, вели пратеничката на СДСМ, Јагода Шахпаска.
ДУИ засега останува резервирани во однос на иницијативата. Пратениците од партијата на Али Ахмети не се потпишани на документот. Од Мала Речица рекоа дека од нив не била побарана поддршка, а како ќе постапат ќе одлучат откако ќе ја разгледаат иницијативата. Но, сметаат дека секој одлука треба да биде донесена со консензус.
Барањето за итна седница не ја поддржа ниту ВМРО ДПМНЕ. Од опозициската партија се сомневаат дека зад иницијативата стојат поинакви мотиви од едноставно потврдување на одлуките за вонредната состојба.
Неофицијално се говори дека враќањето на Собранието треба да го забрза и патот до организирање на предвремени парламентарни избори час поскоро по укинување на вонредната состојба која што истекува на 15-ти мај. Власта, според неофицијалните информации, се подготвува за избори веќе на 28-ми јуни.