Македонското друштво „Илинден“-Тирана, во реакцијата објавена попладнево ја осудува најнова провокација на Владата на Бугарија за македонскиот јазик и македонското малцинство.
– Македонците во Албанија со индигнација го отфрлаат ставот на бугарската влада со кој повторно се пласира една небулозна теза, дека не постои македонски јазик и македонското малцинство. Барањето на бугарската Влада, Македонија да се откаже од грижата за македонското малцинство и во ЕУ наместо македонски јазик да се користи
терминот „службен јазик на Република Северна Македонија“ е неприфатливо, геноцидно и претставува злосторството против човештвото – стои во реакцијата на друштвото.
Македонското друштво „Илинден“-Тирана, се додава во реакцијата, смета дека иако Советот на ЕУ донесе одлука за Македонија да почне преговори и оти изјавите на земјите-членки не можат да ја променат одлуката, загрижувачко е токму правото на вето на Владата во Софија на секое од триесет и трите поглавја.
– Не се сомневаме во злоупотребата на Софија на нејзините дискриминаторски и расистички барања за непостоење на македонскиот јазик и македонското малцинство, приложени во финалниот заклучок на ЕУ што ја отсликуваат намерата на Софија и солидарноста на ЕУ во продолжението на бугарскиот наци-фашизам за непостоење на македонскиот народ во целина – се наведува во реакцијата на македонско друштво „Илинден”-Тирана.