Нетанјаху убеден дека САД наскоро ќе дозволат анексија на делови од Западниот брег

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изрази во неделата убеденост дека Вашингтон во текот на следните два месеца ќе му одобри на Израел да продолжи со де-факто анексијата на палестинската енклава Западен брег (од реката Јордан).

Палестинците се гневни поради плановите на Израел дополнително да ја зацврсти својата контрола над подрачјата заземени во војната од 1967 година, кои ги бараат за својата идна држава, а меѓународната заедница ги смета за окупирани палестински територии.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, објавувајќи го договорот со својот политички ривал центристот и поранешен воен командант Бени Ганц за формирање на нова влада по трите предвремени парламентарни избори за нецела година, за 1-ви јули најави почеток на разговорите во новата влада за ширење на суверенитетот на Државата Израел над еврејските населби на Западниот брег и анексија на долината на реката Јордан.

Таквиот потег ќе мора да го одобри Вашингтон, најсилниот поддржувач на Израел особено откако на власт е претседелот Доналд Трамп, според договорот што го постигнале Нетанјаху и Ганц.

Во обраќањето во неделата преку видео-врска до произреалската организација во Европа, Нетанјаху го опиша мировниот предлог на американскиот претседател Трамп од јануари како ветување дека ќе го признае израелскиот суверенитет над еврејските доселенички населби на Западниот брег.

„Убеден сум дека за неколку месеци од сега тоа ветување ќе биде исполнето“, му порача Нетанјаху на Европската комисија за Израел.

Палестинските функционери сѐ уште не ја коментираа оваа изјава на Нетанјаху. Но познато е дека тие решително го отфрлија предлогот на Трамп, меѓу другото и поради тоа што тој на Израел му го дава правото на сета окупирана земја на којашто изградил населби.

Американскиот државен секретар Мајк Помпео минатата среда рече дека Израел треба да донесе одлука дали ќе ги анектира деловите на Западниот брег и додаде дека Вашингтон своите ставови ќе ѝ ги изнесе првично и приватно на новата израелска влада.

Палестинците и многу земји, во прв ред американските сојузници во Западна Европа, сметаат дека израелските населби на Западниот брег се незаконски според Женевската комисија којашто забранува населување на териториите заземени во војна. Израел го отфрла тоа, наведувајќи ги безбедносните причини, како и историските и политичките врски со тие територии.