Град Скопје ги отфрла неоснованите и груби обвинувања кои на денешната прес-конференција ги изнесе Ирена Попова, советник од ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Град Скопје во врска со изградбата на лифтот на влезот во Градскиот трговски центар.
Сакаме да нагласиме дека изградбата на овој објект не е во надлежност на Градот Скопје, односно, Градот Скопје нема никаква поврзаност со реализацијата на овој проект. Поради тоа, грубите навреди и обвинувања што советничката Попова ги изнесе на денешниот прес се беспредметни и немаат никаква основа. Очигледно е дека ВМРО-ДПМНЕ не може да се ослободи од старата матрица на размислување и не може да ја види и прифати различноста во водењето на градот и неговите капацитети според новите, чесни стандарди според закон и пропис.
Градот Скопје останува на фактот дека ГТЦ е симбол на модерно, постземјотресно Скопје и споменик на развојот на градот. Поради тоа, надлежните институции треба да направат се овој објект да заживее, да привлече посетители и да си го врати статусот што го имаше до пред само неколку години.
Тој процес, Градот Скопје го помага исклучиво со активности што се во негова надлежност – се уредува плочникот на влезот на ГТЦ и градскиот плоштад, кој беше еден од најзапуштените простори во централното градско подрачје. Исто така, во соработка со Градскиот трговски центар и со УНДП, еден дел од покривот на ГТЦ кој беше неискористен минатата есен беше уреден во зелена оаза која ќе придонесе за подобрување на квалитетот на воздухот во центарот на градот и за намалување на температурата во топлите летни денови, а на посетителите ќе им овозможи да се релаксираат во пријатно опкружување.
Градот Скопје преку вакви проекти кои имаат големи и далекосежни позитивни придобивки вложува во развојот на Скопје. Така ќе биде и во иднина.
Исто така, тврдењето дека се отстрануваат канделабри од плоштадот „Македонија“ за време на полициски час е лажна вест. Фотографијата што е објавена во медиумите е од минатата година од пречекот на Папата Франциск, кога заради организацијата на настанот неколку канделабри беа извадени, за потоа веднаш да бидат вратени на истото место. Советничката Ирена Попова можела тоа да го воочи на плоштадот од местото каде што држела прес и да види дека канделабрите се на местото за кое таа обвинува дека не се таму.