Не можам, на овој ден, а да не се потсетам на неправедно осудените браќа, кои се осудени со нарачани пресуди и гнијат по затворите. Не можам да не го споменам и да не се потсетам на денешниот ден, денот кој ќе се испостави дека е пресвртница за Македонија. Денот после кој, веќе ништо не беше исто за Македонија и за Македонскиот народ, пишува Димитар Димовски, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
„Од тој 27-ми април, се случија низа аномалии, кои ќе се испостави дека се рецидив од едно планирано сценарио, во чиј состав беше и таканаречената “шарена револуција” (движење во кое беа заведени чесни луѓе, кои денеска искрено се каат за нивното присуство во движењето):
– насилниот и против уставен избор на Претседател на Собранието;
– формирање на квази Влада;
– купување на пратеници;
– отварање на нарачан судски процес против народ, глумци, оперски пејач, професионалци и против пратеници, со обвинение за тероризам;
– притворање на луѓе во 5 часот сабајле, како да се најголеми криминалци, пред очите на нивните деца или родители;
– потпишување на договор за “добрососедство” со Бугарија, со кој власта се откажа од македонскиот јазик, од македонската култура и македонската историја;
– неуспешен референдум за промена на името (и покрај насилството и полнењето на гласачките кутии во одредени места);
– потпишување на договор за промена на името, со кој власта се откажа од уставното име на Република Македонија, но и од македонските малцинства кои живеат во соседните држави, а се обврза да промени буквално се што упатува на Македонија, па дури и македонската античка историја да и ја отстапи на Грција;
– уценување на пратеници од опозицијата да гласаат за промена на Уставот на Република Македонија;
– промена на уставното име на Република Македонија и на се што е Македонија и македонско, од имиња на институции, до обележја на униформи, пари, меѓународниот код МКД;
– осудителни пресуди за учесниците во настанот на 27-ми Април;
– монтирани обвиненија против ВМРО-ДПМНЕ и замрзнување на имотот на партијата, со ниет таа да се укине;
– нови нарачани и монтирани обвиненија против опозициски претставници;
– нови притварања на политички неистомисленици, по барање на слугите на власта, олицетворени во јавното обвинителство…
Заклучокот не може да биде поинаков, освен дека тој 27-ми Април се случи како показна вежба дека секој кој ја сака Македонија и кој би се спротивставил на уништувањето и разнебитување на Македонија, ќе заврши во затвор и ќе трпи сериозни последци. Целта, пак, беше да се замолкнат и задушат сите патриотски и прогресивни сили во Македонија. И од таа вистина, неможеме да избегаме. Остатокот од вистината, че го дознаеме наскоро, се надевам.
На крај, ќе го цитирам еден од водачите на движењето #ЗаЗаедничкаМакедонија, Igor Durlovski, кој во својата прва колумна вели:
“27-ми април е денот кој беше предуслов за се што понатаму требаше да се случи. Никој не може да ја демантира контраверзноста, историската важност на тие настани, за државата што ја имавме и она што денес го имаме.
Го нарекоа „крвав четврток“, свесно обидувајќи се да ја потенцираат човечката болка, страв и стрес , а здраворазумен човек никому не ја посакува, посебно не мирниот народ кој повеќе од. 70 дена на демократски начин во мир го користеше своето уставно загарантирано право на протест.
Таквите сцени најмалку беа желба на искрените поддржувачи на идејата дека со мирни протести можеме да очекуваме прифаќање на нашите предлози и идеи или промена во размислувањето на одлучувачките фактори во државата но кога од дистанца гледаме на „крвавиот четврток“ тогаш ќе заклучиме дека на тој ден, за жал, искрвари Македонија.”
Сосема на крај. Оваа неправда мора да се исправи уште вчера. Бидејќи вчера не ја исправивме, да ја исправиме утре.
Посветено на: Горан, Јане, Игор, Митко, Влатко, Ацо, Мунир и цела плеада Македонски патриоти.“, наведува Димовски во објавата на својот фејсбук профил.