Во Франција 367 починати од коронавирус во 24 часа, пад на бројот на пациентите на интензивна нега

Во Франција од почетокот на март од коронавирусот починале 23.660 луѓе од кои 367 во изминатите 24 часа, но бројот на пациентите на одделите за интензвина нега и натаму е во пад, покажуваат дневните податоци на Генералната дирекција за здравство (DGS).

Во последното деноноќие 221 пациент бил отпуштен од интензивно лекување, потврдувајќи го постојаниот пад кој се забалежува во последните повеќе од две седмици. На одделите за интензивна нега во болниците ширум Франција згрижени се уште 4.387 пациенти со Covid-19, наведува DGS, а пред три седмици ги имаше повеќе од 7.000.

Според попрецизното бележење на здравствените власти, 14.810 луѓе починале во болниците, односно 313 во последните 24 часа, а вкупно 8.850 во домовите за стари лица и во други медицинско-социјални установи, или 54 повеќе отколку претходното деноноќие.

Премиерот Едуар Филип во Народното собрание го презентира планот за постепеното укинување на карантинот, кој во Франција треба да стапи на сила на 11-ти мај. Меѓу, најавените мерки се задолжителното носење маски во градскиот сообраќај, тестирање на што поголем број лица кои имаат симптоми и постепеното отворање на образовните институции.