Компаниите кои користат финансиска помош можат да го намалат бројот на вработени

Микро и малите фирми кои се корисници на владините мерки за финансиска помош ќе можат да го намалат бројот на своите вработени до 15 отсто, средните до 10 отсто, додека пак големи до 5 отсто.

Ова денеска го истакна министерката за финансии, Нина Ангеловска на денешната прес конференција.

Првично беше укажано дека ако користи владина помош, работодавачот треба да го задржи истиот број на вработени два месеца по користење на мерката, односно до месец јули.

Управата за јавни приходи го надгради системот за аплицирање и добивање на средствата за исплата на минимални плати за вработените во приватни фирми кои забележале загуби поради кризата со коронавирусот. За ова информира директорката на УЈП, Сања Лукаревска, на денешната заедничка прес-конференција со министерката за финансии Нина Ангеловска, посочувајќи дека Владата се грижи секое вработено лице да го задржи своето работно место.

Работодавачите што ќе побаруваат средства за исплата на плати на вработените за месеците април и мај, како што рече, веднаш по завршување на овој месец, а најдоцна до 7 мај треба да поднесат образец до УЈП преку системот е-даноци. Ова важи за исплата на платите за април, додека апликациите за мај треба да се достават до 7 јуни.