Во втората половина од април почнаа да се намалуваат пријавите за отпуштања од работа, но и да расте бројот на пријави од работници на кои платата не им била исплатена или им била намалена дури и за 50 проценти, незаконски повикувајќи се на институтот „виша сила“, соопшти Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Во периодот од 15 до 28 април 2020 година, Хелсиншкиот комитет добил 24 пријави за прекршување на работнички права, кои опфаќаат 552 работници.
Деталите за појавата на колективни отпуштања, принудни прекини со спогодби, неисплаќање и/или намалување на плати во изминативе две седмици, како и во врска со други прекршувања, се достапни на инфографик, кој е изготвен во рамки на проектот „Зголемување на продуктивноста преку подобрување на законската рамка за работните односи во Македонија’’.
Проектот е финансиран од Фондот за добро владеење на Велика Британија но, како што посочува Хелсиншкиот комитет, мислењата и ставовите наведени во оваа содржина не ги одразуваат секогаш мислењата и ставовите на Владата на Обединетото Кралство.