
Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто го повика во средата романскиот претседател Клаус Јоанис да „покаже повеќе почит кон Унгарците“ откако овој ја обвини романската Социјалдемократска партија (PSD) дека „сака Трансилванија да ја препушти на Унгарија“.
Јоанис претходно во средата го коментираше одобрувањето на нацрт законот во романскиот парламент за територијална автономија на регионот Секеи и рече дека PSD, која го има простото мнозинство, „има намера да ја предаде Трансилванија на Унгарците“.
Романскиот претседател потоа го постави прашањето што унгарскиот премиер Виктор Орбан „би можел да понуди за возврат“, а шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто возврати дека изјавите на Клаус се „особено нецивилизирани и може да поттикнат омраза“.
„Клаус Јоанис би требало да се свесен дека повеќето Унгарци од Трансилванија и Секеи гласаа за него на романските претседателски избори“, рече Сијарто.
Истакна дека во интерес на Унгарија е да негува добри односи со Романија и потсети дека двете земји се важни економски парнери,
Во интерес на Унгарците во Трансилванија и регионот Секеи (Сикејлек), продолжи Сијарто, се добрите односи меѓу двете земји. Додаде дека поради најновите изјави на некои романски политичари „меѓутоа, тешко се одржуваат добрососедските односи“.