Трамп: Кина ќе стори сѐ за да загубам на изборите во ноември

Американскиот претседател Доналд Трамп е убеден дека начинот на кој Кина се справувала и известувала за епидемијата од новиот тип коронавирус е деказ дека Пекинг ќе стори сѐ што може за тој да загуби на американските претседателски избори на 3-ти ноември.

„Кина ќе направи сѐ за да изгубам на изборите“, изјавил во средата претседателот Доналд Трамп во интервјуто дадено за Reuters.

Рекол и дека верува и оти Пекинг посакува кандидатот на Демократската партија, Џо Бајден, да победи на ноемвриските избори за да се намали американскиот притисок врз Кина во врска со трговските договори.

Двегодишната трговска војна меѓу САД и Кина во јануари годинава беше привремено запрена по потпишувањето на првата фаза од трговскиот договор со кој Кина се обврза во следните две години да купи американски стоки и услуги во износ од 200 милијарди долари. Исто така, беше постигнат договор и во поглед на почитувањето на интелектуалните права, што беше едно од главните инсистирања на Вашингтон.

Трамп во интервјуто вели и дека разгледува различни опции, кога станува збор за одговорноста на Кина за пандемијата на коронавирусот.

„Има многу нешта кои можам да ги сторам“, вели американскиот претседател, но не сакал да навлегува во поединости.

Во понеделникот Трамп тврдеше дека Кина можела да го спречи ширењето на коронавирусот пред да се прошири низ светот и рече дека неговата администрација спроведува сериозни истраги за да дознае што навистина се случило. САД го заземаа првото место според бројот на заразените – 1.056.811 и на починатите – 61.190 лица од короанвирусот во светот.

Кога станува збор за американските претседателки избори, Трамп вели дека тој лично не верува оти тие ќе се претворат во референдум, за тоа како неговата администрација се справувала со кризата предизвикана од коронавирусот. Исто така, вели дека не им верува на анкетите кои покажуваат дека во водство е неговиот веројатен демократски противкандидат.

Неодамнешната анкета спроведена од Ipsos покажува дека 44 отсто од Американците во моментов би гласале за поранешниот потпретседател Џо Бајден, а 40 отсто за Доналд Трамп. Но пред четири години демократката Хилар Клинтон имаше и поголема предност пред републиканскиот кандидат и беше прогласувана за речиси сигурен нов станар на Белата куќа, но во ноември беше неочекувано убедливо поразена од њујоршкиот милијардер.

„Не им верувам на анкетите. Верувам дека луѓето во нашата земја се паметни и дека нема да изберат човек кој е неспособен. Веќе 30 години е неспособен, откако беше сенатор па до периодот кога беше потпретседател во мандатот на (поранешниот демократски претседател) Барак Обама. Што и да стореше го правеше лошо, а неговата надворешна политика беше катастрофа“, вели Трамп.

Исто така, Трамп вели оти мисли дека оние кои на предизборите на Демократската партија гласале за претставникот на левата струја во партијата, сенаторот до Вермонт, Берни Сандерс, на ноемвриските избори ќе гласаат за него. Сандерс се повлече од кампањата за демократската претседателска номинација, во изјава го поддржа Бајден, но истражувањата покажуваат дека тој сѐ уште има голема поддршка кај младите гласачи на демократите.