Сите проекции на многу земји во светот укажуваат дека вирусот секако ќе остане и дека во случај да не се почитуваат мерките, во случај повторно да се повторат оние предуслови во кои може да се зголеми трансмисијата, па дури и од несвесните асимптоматски носители, може да имаме нови и нови случаи.
Ова денеска го изјави министерот за здравство Венко Филипче, одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа како тој ја коментира сингапурската студија дека вирусот Ковид-19 ќе исчезне до 16 јуни.
Тој посочи дека тие практично не се студии поради тоа што не се темелат на детални анализи, туку се само проценки како ќе се однесува вирусот.
– Во нашите дискусии со стручните лица, епидемиолози, инфектолози, практично многу тешко е да се верува дека вирусот може да исчезне, смета Филипче.
За процентот за факторот на трансмисија, министерот посочи дека тој е под единица на национално ниво, но чекаат уште неколку денови, го проценуваат добро бројот на пациенти, и сакаат повеќе денови да се осигураат дека ќе биде вака мал бројот на дијагностицирани пациенти за со сигурност да кажат дека епидемијата полека стивнува.
Министерот Филипче, одговарајќи на прашање дека претставници на СЗО ја посочиле Шведска како добар модел за справувањето со коронавирусот, истакна дека ние сме го избрале идеалниот модел за нашата земја и нашиот здравствен систем, и оти сега се гледаат резултатите од тоа, односно дека постепено се намалува бројот на дијагностицирани пациенти и бројот на тестови.
– Пристапот да се тестираат симптоматски пациенти, да се изолираат нивните контакти мислам дека даде резултат. Секоја земја избра свој автентичен систем, секоја земја има свои карактеристики на здравствениот систем. Во однос на препораките на СЗО што е тоа што сега како резултат доаѓа во Шведска. Смртноста во Шведска е многу поголема. Таа е некаде околу 12 проценти, ми се чини дека е во првите пет земји во светот според просекот на починати лица. И во таа смисла дискутабилно е дали може да се препорача како добар модел, посочи Филипче, додавајќи дека немање рестрикции со цел да се создаде имунитет според него е исклучително ризично да се препорача и направи.
Прашан во однос на вчерашната изјава на д-р Вело Марковски од каде се сигурни дека вирусот ќе се врати наесен, Филипче рече дека има неколку работи што ги тера да размислуваат во таа насока.
– Прво, станува збор за вирус што е респираторен, а сите респираторни вируси се враќаат во есенските месеци. Втората работа е во однос на тоа што се уште е сега претпоставка, веројатно следат испитувања, студии итн., сепак има еден тренд на помалку случаи во земјите каде што е задолжителна БСЖ вакцината, што е исто така пулмонален вирус. Значи, има некоја поврзаност, точно не се знае, но дури и покрај тоа што точно не се знае и не е потврдено, ние апсолутно мора да бидеме подготвени и во таа насока одиме. Со овој предизвик со кој сега се соочувме, не само ние туку целиот свет, искуството не научи и не прави поподготвени за некои следни предизвици. Можно е да имаме следен пик на пациенти во есенските месеци и тогаш дополнително уште повеќе комплицирано со некоја бројка, вообичаена бројка или зголемена како што беше и минатата сезона. Не можеме да претпоставиме со сезонски грип. Во таа смисла одат предвидувањата и подготовките кои ги преземаме, додаде Филипче.