Шпанските научници идентификуваа пет типа кожни манифестации кај Covid-19

Научниците од Шпанската академија за дерматологија презентраа класификација на пет типови кожни манифестации кај пациентите заболени од респираторната болест Covid-19 чиј причинител е новиот тип коронавирус, а истражувањето е објавено во специјализираниот магазин British Journal of Dermatology.

Истражувачите во текот на две седмици собирале информации за 375 пациенти, кај кои коронавирусот бил потврден како резултат на тестови или откриен симтопатски, а кожниот осип се покавил во текот на болеста без други причинители. Секој простудиран случај бил проследен со фото-документација.

„Врз основа на консензус постигнат при анализата на снимките, можеше да се разликуваат пет главни клинички слики. Речиси сите пациенти може да се класифицираат во посеби групи“, се истакнува во истражувањето.

Во првата група, 19 отсто од случаите, истражувачите ги вклучиле пациентите кои имале црвенило на кожата, како при смрзнатини, плускавци и чиреви. Првично тие се појавиле на прстите и на рацете и на нозете. Слични симптоми се забележани кај помладите пациенти и со благ тек на болеста. Осипите се забележани во подоцнежните фази од болеста, и во просек опстојувале 12,7 дена.

Кај 9 отсто од пациентите истражувачите забележале везикуларен осип, сличен на расејување на мали плускавци кои се појавиле на телото и во 68 отсто од случаите предизвикале чешање. Осипите, исто така, се појавиле на екстремитетите, имале хеморагична содржина (исполнета со крв) и растеле. Овие симптоми се манифестирале главно кај пациенти во средовечна возраст и потежок тек на болеста, и траеле околу десет дена.

Третата група пациенти, 19 отсто, имале уртикаријални осипи слични на уртикарија. Дамките се појавиле кај тешко болните пациенти на телото и во некои случаи на дланките и во 92 отсто од случаите предизвикувале чешање.

Најчесто, во 47 отсто од случаите, кај пациентите се забележувало макулопапуларен осуп, односно мали црвени папули. Некои од истражувачите го опишале овој осип како сличен на ткн розовиот лишај. Исто така, во оваа група пациенти имало и појава на пурпура или недостиг од тромбоцити. Осипот траел во просек 8,6 дена и се појавил кај посериозно болните пациенти. Во 57 отсто од овие случаи, осипот предизвикувал чешање.

Најретката манифестација на кожата била забележана кај 6 отсто од пациентите. Кај постарите пациенти со тежок тек на Covid-19, истражувачите забележале ливедо (појавува во случаи на нарушување на циркулацијата во садовите и е појава слична на мрежна шара на кожата), како и некроза (предвремено умирање на кожното ткиво).

Претходно и лекарите од најголемата московска болница во која се згрижуваат пациентите со коронавирусот, напоменаа дека 10 отсто од пациентите имале манифестации на кожата, во форма на осипи на рацете и стомакот.