И покрај малиот напредок во областите на независните медиуми и изборниот процес, и во најновиот извештај на Фридом Хаус, Македонија и натаму важи за хибриден режим во транзиција.
Во јануари „Економист“ објави дека Македонија е рангирана на 77-то место во светот според Индексот на демократија во 2019 година, со само едно место подобрување во однос на претходната 2018 година. Со тоа земјата беше ставена во групата земји со „хибриден режим“ (Албанија, Украина, Црна Гора, Сенегал, Кенија, Танзанија, Непал, Мали, Сиера Леоне, Босна и Херцеговина, Пакистан…).
Македонија на Индексот на демократија за 2018 година, исто според британскиот неделник „Економист“, беше рангирана на 78 место со 5,87 поени, на скала од нула до 10. Земјата и тогаш беше наведено дека се наоѓа во категоријата „хибридни режими“, кој ги опфаќа државите со поени од 5,98 до 4,06.
Со индексот на демократија земјите се оценуваат по 60 показатели во пет категори – изборен процес и плурализам, функционирање на владата, политичко учество, демократска политичка култура и граѓански слободи.